1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда за говорот на омраза на грчките војници

28 март 2010

Македонија утре ќе искаже протест до грчката амбасадорка во земјата поради погрдните пароли, кои ги извикувале грчки војници за време на парадата по повод националниот празник на Грција. Во Албанија веќе имаше протести.

https://p.dw.com/p/MgEb
Македонското МНРФотографија: Petr Stojanovski

Македонското министерство за надворешни работи ја повика утре на разговор грчката амбасадорка Александра Пападопулу поради антимакедонските скандирања на воената парада во Атина. На средбата со заменик министерот Зоран Петров ќе и биде искажан протест и ќе биде побарано формално извинување, потврдија за новинската агенција МИА во МНР.

Портпаролот на македонската влада Мартин Мартиновски денеска на прес-конференција, оцени дека манифестирањето говор на омраза не придонесува за градење добрососедски односи.

Gebäude der mazedonischen Regierung in Skopje
Влада на Р. МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

„Не би коментирале премногу, но во принцип осудуваме каква било манифестација на говор на омраза. Сметаме дека тоа не придонесува кон градење дух на добрососедски односи“, изјави Мартиновски, прашан за ставот на Владата во врска со случувањата на воената парада во Атина. Мартиновски додаде дека се’ уште се разгледува можноста за испраќање на протестна нота до владата во Атина, но дека најверојатно таа ќе биде испратена веќе в понеделник.

„Тие се Скопјани, ќе си направам нова облека од нивната кожа“, извикувале меѓу другото грчките војници на парадата по повод националниот празник на Грција. За време на парадата, покрај против Македонците, расистички слогани биле упатени и против Албанците и Турците.

Албанија веќе жестоко реагираше на инцидентот

Ilir Meta
Илир МетаФотографија: AP

Пред грчката амбасада во Тирана вчера се одржаа протести во знак на револт поради извикувањето антиалбански пароли од страна грчките војници при прославата на Денот на грчката независност. Организатори на протестот во Тирана беа здружението „Мјафт“ и навивачите на државната фудбалска репрезентација, а им се придружија и двајцата пратеници во албанското Собрание. На протестот е побарано официјална Атина да ги казни војниците, кои ги извикувале паролите. Протести се одржаа и во градот на најголемото албанско пристаниште, Драч. Претходно и министерот за надворешни работи и заменик премиер на Албанија, Илир Мета го осуди инцидентот и притоа паролите ги оцени како скандалозни и насилни.

Грчките медиуми во меѓувреме објавија дека офицерот на единицата е суспендиран, а се најавени казни и за војниците. Министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис наредил истрага и изјавил дека никој нема право да шири омраза и ксенофобија. Сличен инцидент се случи и пред две години, кога регрути на грчката армија извикуваа пароли против народите кои живеат во грчкото соседство.

На наредната страница прочитајте ги партиските реакции за инцидентот.

Партиски реакции

Говорот на омраза демонстриран од страна на грчката армија на парадата одржана во четвртокот во Атина денеска го осуди ВМРО ДПМНЕ. Зоран Петрески, член на Извршниот Комитет на партијата оцени дека „Овие настани директно им штетат на добрососедските односи и не придонесуваат за подобрување на атмосферата во меѓудржавните односи на Република Македонија и Република Грција. Грчките институции мораат да најдат начин, како да застанат на патот на омразата и национализмот.“

Осуда на најновите провокации од грчка страна преку извикување погрдни пароли на сметка на Македонците дојде и од претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски. „Се работи за една недозволива провокација во било која земја, а најмалку нешто што може и треба да се случи, во земја членка на Европската унија и на НАТО Алијансата,“ истакна Црвенковски.

Лидерот на Нова Демократија Имер Селмани смета дека за провокациите, што доаѓаат од Грција од страна на припадниците на војската, кон Албанците, треба да расправа и Брисел. „Оваа провокација со извикување на антиалбански пароли во Грција не е само мал инцидент, туку тоа е сериозна закана, која има континуитет“, изјави Селмани. Тој смета дека во време кога се прават напори од меѓународната заедница да се помогне на Грција да излезе од економската криза и во момент кога таа претендира да стане лидер во регионот, не треба да се дозволи Грција да е генератор на дискриминација врз Албанците, кои во Грција ги има околу еден милион.

Автор: СН/АТ/миа/макфакс

Редактор: Александра Трајковска