1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остатоци од авионот пронајдени кај Александрија

Е.М. Фиданоска /дпа/ард/ртр/афп20 мај 2016

Еден ден по уривањето на авионот на Еџипт Ер, кој леташе од Париз за Каиро, египетската армија јави дека се пронајдени остатоци од авионот во Средоземното Море.

https://p.dw.com/p/1IqxP
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Морнарицата пронајде делови од авионот на 290 километри северно од Александрија, соопшти денеска египетската армија. Лоцирани се и лични предмети на патниците во авионот. Бродови на морнарицата во моментов се во потрага по црната кутија од Ербасот А320, кој се урна од засега непознати причини. Во меѓувреме, во Каиро пристигнаа експерти за воздушен сообраќај како поддршка на истрагата.

Авионот со 66 патници и членови на екипажот, главно од Египет и Франција, исчезна од радарите во раните утрински часови во четвртокот. Кога последен пат е виден на радарите, авионот се наоѓал на околу 240 километри јужно од грчкиот остров Карпатос и на околу 280 километри северно од египетскиот брег. Грчките авиони кои трагаа по исчезнатиот авион ја продолжија потрагата уште рано в зори. Тие го пребаруваа морето на околу 200 морски милји јужно од островот Карпатос и околу 100 морски милји оддалеченост од египетскиот брег. Покрај Грција, во потрагата учествуваа и авиони и бродови на Египет и Франција. Укажување за помош добиле и трговските бродови кои се на пат во регионот.

Ägypten Flugzeug A320 der EgyptAir Angehörige
Роднини на патниците во авионот плачат на аеродромот во Каиро додека чекаат вести за несреќатаФотографија: picture-alliance/AA/A. Ahmed

„Претпазливо со хипотезите“

Досега нема сознанија за причината за несреќата. Египетскиот министер за воздушен сообраќај Шариф Фати изјави дека смета оти терористички напад е поверојатен отколку технички дефект. Притоа, Фати укажа на до тој момент познатите факти за уривањето на авионот.

Франција е воздржана со изјави. Претседателот Франсоа Оланд рече дека за жал е сигурно оти авионот е загубен и дека потонал во Средоземното Море. Меѓутоа, која е причината за тоа, според Оланд, е сосема непознато. Ништо не може да се исклучи. И францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Еро нагласи: „Досега воопшто нема сигурни информации.“ Затоа треба да се биде внимателен со хипотезите за судбината на авионот на Еџипт Ер.

Авионот на летот МС804 исчезна од радарите во раните утрински часови во четвртокот, на релација Париз-Каиро. Според грчките власти за цивилна воздушна половидба, леталото минало низ грчкиот воздушен простор. Непосредно потоа веќе не можело да биде лоцирано. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос изјави дека пред да исчезне од радарите авионот направил два остри изненадувачки свртувања и потоа брзо почнал да губи на височина. Откако од 11.600 метри височина паднал на 5.000 метри, авионот исчезнал од радарите.