Оставка на претседателот на ДИК
23 февруари 2011Александар Новаковски се повлече од функцијата, иако во писменото образложение тврди дека ДИК е подготвена за избори и оти тие можат да се организираат на фер и демократски начин. Во оставката до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, тој наведува дека причината за ваквиот чекор е тоа што била загрозена неговата непристрасност и доверба.
„Со оглед дека со последните случувања во целост е загрозена мојата непристрасност и доверба, која мора да ја има секој претседател на Државната изборна комисија, сметам дека треба да се повлечам од оваа функција во интерес на заштитата на кредибилитетот на ДИК и мојот досегашен професионален ангажман“, се вели во оставката.
Тој на функцијата дојде како кандидат на опозицискиот СДСМ и неофицијално се говори дека неговото повлекување е резултат на барање на Социјалдемократите откако во два јавни настапи искажа став дека избирачките списоци се прочистени и оти се неопходни дел од корекциите на Изборниот законик по сугестии на ОБСЕ, што во јавноста се толкуваат како ставови блиски на премиерот.
Автор: Александар Чомовски/ макфакс
Редактор: Жана Ацеска