1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободени се сите уапсени за нападот во Лондон

ЕМФ /агенции
6 јуни 2017

Британската полиција го соопшти идентитетот на двајца од тројцата напаѓачи во Лондон и ги ослободи сите уапсени во врска со нападот.

https://p.dw.com/p/2eA80
London Polizisten im Einsatz nach Anschlag
Фотографија: Reuters/N. Hall

Еден од атентаторите во Лондон, како што соопшти истрагата, е 27-годишниот Хурам Шазад Бут, Британец со пакистански корени. Хурам им бил познат на полицијата и на тајната служба МИ5 од порано, но немало знаци за планови за напад, соопшти полицијата.Според британските медиуми, Бут минатата година можел да се види во документарен филм на британската телевизија со наслов „Џихадистите од соседството“.

Името на вториот напаѓач е Рашид Редуан. Полицијата вели дека 30-годишникот, според сопствени наводи, бил „Мароканец или Либиец“. Тој го користел и името Рашид Елкдар и друг датум на раѓање, според кој е на 25-годишна возраст. Редуан и Бут живееле во лондонската населба Баркинг, каде полицијата спроведе неколку рации.

Нападот во Лондон во саботата вечерта го извршија тројца напаѓачи. Тие со транспортно возило прво влетаа во пешаци на Лондон Бриџ, а потоа кај Бороу Маркет излегоа од возилото и без конкретна цел напаѓаа луѓе со ножеви. Во нападот загинаа седум лица, а 48 се повредени. Осум минути по добивањето на повикот за итна помош полицијата ги застрела напаѓачите. Џихадистичката милиција „Исламска држава“ тврди дека нападот е нејзино дело.

Полицијата во врска со нападот уапси 12 лица, но во меѓувреме сите се ослободени без обвинение. Сите беа уапсени во неделата во населбата Баркинг, каде живееле двајца од тројцата напаѓачи.