1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободена украинската пилотка Савченко

СН/ртр/дпа/афп25 мај 2016

Украинската пилотка Надја Савченко, која беше во затвор во Русија, е на слобода. 35-годишната на крајот на март и покрај протестот на меѓународната заедница беше осудена на 22 години затвор за убиство на двајца Руси.

https://p.dw.com/p/1Iu8S
Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Пилотката на борбен авион веќе одамна важи за национална хероина во Украина, зашто во редовите на еден баталјон доброволци се бореше против проруските сепаратисти на истокот на Украина. Во Русија таа се најде пред суд поради убиство на двајца руски новинари, при што ѝ беше изречена и затворска казна во траење од 22 години. По две години минати во рускиот затвор, таа денеска беше ослободена и веќе пристигна во Киев, каде украинскиот претседател Петро Порошенко јавно ја одликува како херој на Украина.

Порошенко во замена за ослободувањето на Савченко од рускиот затвор ги помилува двајца руски затвореници Александр Александров и Јевгени Јерофејев. Пред точно еден месец Порошенко изрази нагласена увереност во успешно окончување на претстојниот договор со Кремљ за размена на затворениците. Осудувањето на двајцата руски војници во Украина отвори „определени можности за размена“, истакна Порошенко тогаш, непосредно по телефонскиот разговор кој го водеше со рускиот претседател Владимир Путин.

Ukraine Demonstration Solidarität Nadija Sawtschenko
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Pilipey

Двајцата Руси пак беа осудени на 14-годишна затворска казна, меѓу другото и за тероризам. Тие, како војници на руската армија, се бореле на страната на проруските сепаратисти во регионот Донбас, беше наведено во пресудата. Руската страна меѓутоа тврдеше дека двајцата војници истапиле од регуларната руска армија. Адвокатите на Русите најавија дека ќе ја обжалат пресудата. Но по договорот меѓу Киев и Москва за размена на затворениците, Александров и Јерофејев уште во утринските часови пристигнаа во Русија, со што беше отворен патот за ослободувањето на Савченко.

Кремљ го потврди ослободувањето на двајцата Руси од страна на украинските власти и од своја страна соопшти дека украинската пилотка Савченко била помилувана.