1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орландо ден по кошмарот

Миодраг Шориќ/Ж.А.14 јуни 2016

По нападот врз барот „Пулс“ во Орландо жителите на градот се обидуваат меѓусебно да се тешат, многумина донираат крв или пари за да ги зголемат шансите за преживување на ранетите. Репортажа на Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1J694
Фотографија: Getty Images/AFP/ M. Ngan

35 степени Целзиусови во сенка, запурно е, нема ниту малку ветре. Стотици луѓе трпеливо чекаат да дојдат на ред, некои веќе четири часа или подолго -сакаат да донираат крв. Тоа е одѕив на повикот на властите во Орландо. Зашто, сѐ уште повеќемина делумно тешко повредени се наоѓаат на лекување во околните болници. Лекарите прават колку што можат, но болниците не се подготвени на ваков масакр, затоа апелираат до жителите да даруваат крв.

Оттука до ноќниот клуб „Пулс“, каде атентаторот уби 49 лица, а уште повеќе рани пред да биде застрелан од полицијата, има само пет минути пешачење. Ова е досега најтежок крвав напад во американската историја. Жителите на градот се во шок. Меѓу нив е и Скарлет Филипс, која неодамна се доселила во градот со мажот и‘. „Знаете, и јас имам деца. Претставата цел ден да чекам на информација дали е моето дете убиено или не, ми создава мачнина.“

USA "The Center"
Роб ДоменикоФотографија: DW/Miodrag Soric

Голема подготвеност за помош

Слично размислува и Лулу Фриман. Таа живее во непосредна близина на ноќниот клуб „Пулс“, кого го посетуваат претежно членови на ЛТГБ-заедницата. „Многумина мои пријатели одат таму, па и мојата жена.“ Страшна е помислата дека нешто толку страшно се случи на место каде всушност се оди заради забава, вели таа.

Бројни доброволци на луѓето застанати во редицата за чекање им додаваат вода, сендвичи или овошје. Меѓу нив се и припадници на муслиманската заедница во Орландо. Тука се повеќе семејства заедно со децата, како на пример 32-годишната Шехан Али, која носи шамија на главата. Таа потекнува од Кенија, а пред една година се доселила во Орландо. „Жал ми е за оние кои мора да поминуваат низ вакви маки. Исламот е мировна религија“, вели таа.

Нејзината пријателка Заинаб Али го дели нејзиното мислење. Таа потекнува од Сомалија и од 2000. година живее во Орландо. „Вистински бев шокирана кога ја чув веста за нападот. Знаете, имам мали деца и сакам тие да растат во сигурна околина“, вели 30-годишната жена. Неодамна започна месецот на постот Рамазан, време кога муслиманите треба посебно да бидат милосрдни.

И Садек Елтаба не може да го сфати она што се случи во неговата нова татковина. Пред две години тој избегал од Сирија во САД, за да го избегне теророт во Блискиот Исток. „А сега се случи терор во Орландо“, со неверување врти тој со главата. Садек дошол до станицата за трансфузија за да дарува крв, сака да помогне колку што може.

USA "The Center"
Просториите на невладината организација „Центар“Фотографија: DW/Miodrag Soric

„Зебра Коалиција “ - координатор на помошта

Десет минути возење со автомобил подалеку во „Зебра Коалиција“ телефоните се вжештени. Во една неугледна бела куќа директно на главната улица се координира работата на 27 хуманитарни организации. Тука се јавуваат преживеаните од атентатот или роднини на жртвите. Потоа добиваат контакт со психолози или социјални работници. „Многумина волонтери се јавуваат да ја понудат својата помош“, вели Хедер Вилки, директорка на „Зебра Коалиција “. Понудата е голема.

Истото искуство го има и Роб Доменико од „Центар“, невладина организација која првенствено се грижи за припадниците на ЛТГБ-заедницата. Во нејзините простории се натрупани шишиња вода, кекси, но има и топло јадење, спакувано во алуминиумска фолија. „Ова ни го носат рестораните или дргите продавници, не само од Орландо, туку од цела Флорида“, вели Роб Доменико, кој помага во „Центар“ од пред една година. По атентатот тој зачестено е присутен во невладината организација. Орландо е пример за добар соживот меѓу хомосексуалците и хетеросексуалците, но токму тоа го прави и ранлив, вели Доменико. Кога чул за нападот, прво бил шокиран. Но, кратко потоа ги потиснал чувствата, за да може да се сврти кон помагање на луѓето. За тагување ќе има време и подоцна.