1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата- слеп патник

Иван Ѓерковиќ Превод:СН6 февруари 2016

За нешто повеќе од два месеци во Србија ќе се одржат вонредни избори на сите нивоа. Се’ е подготвено: изборна кампања, свечени отварања, препукувања во медиуми... Само ја нема опозицијата.

https://p.dw.com/p/1HqkD
Фотографија: Imago/Peter Widmann

Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, ме прашуваа кога бев мал. Машиновозач, им одговарав. Привлечни ми се локомотвите, вагоните, патувањата и- да не се лажеме- униформите. Татко ми пред речиси 40 години ме носеше да ги гледам возовите на белградската железничка станица, па потоа пешки до новата, идна станица во Прокоп. Одевме долго. Се уморив, па прашав: „Дали сме сега веќе во странство?“

Тоа мое наивно прашање, подоцна се прераскажуваше како шега во семејството. Само, има во тоа прашање трошка вистина. Прокоп е далеку, како да е во странство. За разлика од старата станица, до него од градот едвај се стигнува. Теофил Панчиќ со право вели дека тоа е причината за неговата „децениска недовршеност“.

Варосување па гласање

Можеби сепак нешто ќе се смени кога конечно е завршена првата фаза на станицата „Белград-центар“, што е одбележано со свеченост на која зборуваше и премиерот на Србија. „Возот кој го покренавме, би требало да ги превезува и оние од левата, и оние од десната страна, и оние од центарот, но и оние кои се возат како слепи патници“, изјави Александар Вучиќ. Единствено, вели, „секој од нив ќе мора да плати билет“.

На возот во Прокоп, најверојатно од левата страна, се обиде да влезе и Милутин Мркоњиќ, поранешен министер, а сега почесен претседател на владејачката Социјалистичка партија на Србија. Изгледа, незадоволен дека не е поканет на свеченоста, изјави дека Српската напредна партија (СНП) „само го преваросала Прокоп“. Од СНП му вратија дека „Прокоп веќе би бил завршен ако тој работел повеќе додека бил министер“, и оти „не ги чуди веќе ништо од социјалистите“, па дури ни „можноста оваа партија да се обедини со опозицијата“.

Опозицијата во Србија, да потсетам, тоа се оние кои, според истражувањата, се борат да го преминат изборниот праг. Молчат и се возат со возот како да се слепи патници. За тоа време, медиумите пред изборите ги профилираат и „позицијата“ и „новата опозиција“- а сите се некако од редовите на власта. Социјалистите изгледа како да напаѓаат, а напредните како да одговараат на нападите. Нема трети. Бирајте за кого од нив ќе гласате.