1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата се враќа во Собранието на голема врата

Катерина Блажевска1 септември 2015

По 16 месеци, опозициските пратеници од коалицијата предводена од СДСМ денеска се враќаат во парламентот. Лидерот на СДСМ очекувањата ќе ги соопшти на прес-конференција.

https://p.dw.com/p/1GOpF
Фотографија: Petr Stojanovski

„Септември е кога има се: учениците во училиште, пратениците во парламентот, ајварот дома!“ Анонимни пишувачи на графити вака го доживеаја и одбележаа денешното враќање на опозицијата во Собранието. Многу повеќе внимание тој чин предизвикува кај меѓународните набљудувачи и домашната јавност, бидејќи е една од обврските предвидени со Договорот од 2 јуни.

По минатогодишните избори, опозициските пратеници од коалицијата предводена од СДСМ дадоа оставки на мандатите обвинувајќи за изборен грабеж, по што парламентот 16 месеци не функционираше во полн состав, што предизвика парламентарна, а со објавените „бомби“ - и политичка криза во Македонија. На тие избори, опозициската коалиција освои 34 пратенички места, но Солза Грчева и Љубица Буралиева од СДСМ и Роза Топузова Каревска од ЛДП, не ја прифатија коалициската одлука за напуштање на парламентот. Останаа во Собранието како независни пратенички, по што беа исклучени од нивните матични партии. По 16 месеци денеска сите заедно ќе се сретнат во истите клупи.

Резултати од бојкотот

Имаше ли ефект опозициското напуштање на парламентот, ја прашавме независната пратеничка Роза Топузова Каревска.

„Мојот став за отсуство од парламентот и бојкот јасно го искажав со моите постапки и сега и во 2011 година. Сметам дека битката за демократијата и спротивставувањето на лошите и штетни политики на власта, треба да се води првенствено преку парламентарната говорница. Можеби со отсуството од Собранието донекаде се сврте вниманието на меѓународната јавност, но сепак за тоа во голема мера придонсе аферата 'Прислушкување' и објавувањето на материјалите. Ефектот од објавените снимки ќе беше многу поголем ако опозицијата ја користеше говорницата во Собранието. Aко кон тоа се додаде дека значителен дел од граѓаните, пред се, мислам на оние кои гласале за опозицијата, не оправдуваа пратениците да земаат плата а да не доаѓаат на работа, т.н. бојкот повеќе од очигледно не ги даде очекуваните резултати“, смета Топузова.

Потсетува дека покрај ова, пратениците имаа можност за формирање на анкетни комисии, како и организирање надзорни расправи на кои се повикуваат министрите да дадат отчет за нивната работа.

„За жал, од Договорот од Пржино досега единствено се реализира влегувањето на пратениците, a за се друго, судејќи според она што го дознаваме од медиумите, партиите се многу далеку од договор. Не можам да предвидам што ќе се случува во иднина, но од историјата учиме дека добиена битка не значи и добиена војна. Кој е победник ќе се знае на 24 април, по затворањето на избирачките кутии“, констатира Топузова.

Според дел од аналитичарите, бојкотот сепак дал резултати, бидејќи го свртел вниманиетото кон парламентарната криза, а опозицијата се враќа таму по постигнат комплексен политички Договор, односно „на голема врата“.

Mazedonien Zoran Zaev
Зоран ЗаевФотографија: DW/K. Blazevska

Кабинетите подготвени

Во Собранието се е подготвено за враќање на опозициските пратеници. Кабинетите на пратениците и на претседателите на комисиите од опозицијата во изминатиот период зјаеа празни, бидејќи на работа доаѓаа само секретарките. Неколку дена претходно, опозициските пратеници заедно со најтесното раководство на СДСМ, а во соработка со фондацијата „Фридрих Еберт“ и со американскиот Национален институт за демократија, два дена во Берово го договараа идното собраниско дејствување. Освен формите на дејствување, договорено е пратеникот Горан Сугарески да биде предложен за координатор на пратеничката група, Петре Шилегов да раководи со Анкетната комисија за прислушувањето, а Рената Десковска да биде предложена за потпретседател на Собранието. Шеф на Комисијата за контрола на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање ќе биде пратеникот Хари Локвенец, а Горан Мисовски од НСДП ќе раководи со Комисијата за надзор на спроведување на следењето на комуникациите. Пратеничката Јагода Шахпаска ќе ја води Комисијата за здравство, Марјанчо Николовски Комисијата за финансирање и буџет, а Панче Орцев - за земјоделство.

Лидерот на СДСМ се воздржува од коментар со какви надежи и очекувања денеска опозицијата се враќа во Парламентот.

„Се што имаме да кажеме, ќе соопштиме денеска на прес-конференција“, најави Заев.

Важен ден за Македонија

„Генералната проба“ за враќањето на опозицијата се случи вчера, при одбележувањето на соработката меѓу македонскиот парламент и Вестминстер фондацијата за демократија. Рената Дескоска Tренеска од СДСМ во обраќањето потенцираше дека Собранието е претворено во привезок и послушник на Владата. Таа предупреди оти опозицијата нема да дозволи да биде покритие на власта за создавање привид дека состојбата во земјата е нормализирана.

„Одговорноста да се управува со државата е огромна и им припаѓа на партиите од власта, но не е помала и одговорноста на опозицијата“, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и повика на единство.

Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, оцени дека чинот на враќањето на опозицијата во парламентот е важен ден за Македонија.

„Парламентот ќе се врати во полн состав и во полна сила, крвта на демократијата може повторно слободно да тече, а тоа се добри вести за Македонија“, констатираше амбасадорот.

Пред 16 месеци, опозициските пратеници дадоа изјави дека не ги прифаќаат мандатите, но оставките не беа констатирани. Сега се очекува да ги повлечат оставките