1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен пресврт на Трамп во Сирија

Михаел Книге
7 април 2017

Во ризична демонстрација на сила, претседателот Трамп нареди напад во Сирија. Потегот не само што е во спротивност со неговите претходни ставови, туку и ги вовлекува САД во конфликт на кој не му се гледа крајот.

https://p.dw.com/p/2asP9
USA Trump - Giftgasangriff in Syrien
Фотографија: Reuters/Y. Gripas

Имаше добра причина зошто претходникот на Доналд Трамп го отфрли притисокот на многумина - вклучително и членови на кабинетот како државната секретарка Хилари Клинтон, конгресните лидери како републиканскиот сенатор Џон Мекејн и Линдзи Греем, и меѓународни политичари како францускиот претседател Франсоа Оланд - и на крајот одлучи против директна воена интервенција во Сирија.

Во тоа време, САД и светот сѐ уште ги лечеа раните од двете американски воени интервенции во Авганистан и Ирак, и уште еден воен ангажман, кој иако не беше предводен од САД, немаше да се случи без нивната поддршка, имено во Либија. По повеќегодишни крвопролевања, во ниту една од тие три земји нема знаци за стабилизација.

Но, главната причина поради која Барак Обама одлучи да не интервенира во Сирија беше тоа што - колку и да звучи ужасно - Сирија не беше закана за американската национална безбедност. Ставот на Обама се зацврсти откако дозволи да биде вовлечен во интервенцијата во Либија, наспроти неговите лични убедувања. Тогаш сфати дека интервенцијата во далеку покомпликуваниот сириски конфликт ќе ги принуди САД да се ангажираат целосно - политички, воено и финансиски за да ѝ стават крај на војната.

Променета калкулација

И Доналд Трамп слично гледаше на проблемот, до пред многу кусо време, но верен на својот стил, тој искажуваше противење на воена акција со далеку посилни зборови од Обама. Дополнително, Трамп повеќепати најавуваше соработка со режимот на Асад против вистинската опасност за националните интереси на САД - т.н. Исламска држава. Таквиот став беше на линија на неговото мото: „Америка на прво место“, кое најавуваше фокус на домашните проблеми и меѓународен ангажман само кога тоа е во полза на националните интереси.
Очигледно целата калкулација на Трамп ненадејно се промени по нападот со хемиско оружје против градот под контрола на бунтовниците во Сирија, во кој загинаа многу луѓе, вклучително и деца. Секако, кога на виделина излегуваат нови факти, претседателите не само што треба да го сменат мислењето, туку и мораат да го сторат тоа. Но проблемот останува - и натаму, како и во времето на Обама, нема убедлив план за тоа како да се реши сирискиот безизлез.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Емоционалната реакција на Трамп, кога зборуваше за „убавите мали бебиња“ кои беа убиени во нападот во Сирија беше разбирлива и споделена од многумина. Но неговиот импулсивен политички и воен одговор за вовлекување на САД во конфликтот е опасен.

Доналд Трамп се гордее со своите брзи одлуки, со непредвидливоста и способноста да биде клучен играч. Од негова гледна точка, пресвртот во однос на Сирија целосно е на линија на неговиот модус операнди. Тој ги става непријателите на САД како Северна Кореја и Иран на готовс, и докажува на домашната јавност дека пробива и таму каде што Обама не сакаше, и ги става во втор план сите обвинувања за блискост до Русија или за лошата здравствена реформа во втор план. Но цената која САД и светот би можеле да ја платат за овој маневар може да биде висока.