1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Она што вреди да се види во Софија

28 септември 2010

Доколку сакате да ја посетите Софија како турист тоа можете да го сторите со такси. Таксито е толку ефтино во Софија, како во ниту еден друг европски град. На тој начин можете да го прошетате целиот град.

https://p.dw.com/p/PLVI
Во Софија можете одлично да си поминете, без да потрошите многу париФотографија: AP Photo

Добредојдовте во главниот град на најсиромашната земја-членка на Европската унија, Бугарија. Тука можете одлично да си поминете, без да потрошите многу пари. Нашиот прв совет е посета на катедралата Св. Александар Невски, каде влезот е бесплатен. Невски не е само „заштитен знак” на градот, туку е и најголемата катедрала на Балканот. Најдобро време за посета е околу 17 часот, тогаш ќе можете да присуствувате на вечерната миса.

Катедралата Невски се наоѓа во самото срце на градот. Со својата кружна структура во византиски стил во сино и бело и со светкави бакарни куполи, едноставно не можете да ја превидите.

Катедралата е изградена во 1912 година во чест на војниците што ги изгубиле животите во борбата за ослободување од отоманското царство. Од другата страна на улицата, спроти катедралата се наоѓа отворен антички пазар. Мојот втор совет е да го посетите. Дури и ако не сакате да купите ништо, можете да видите многу интересни работи. На пример, грамофон од најстарите типови од кој се слуша руска музика од шеесеттите.

Alexander Nevski Kathedrale in Sofia
Катедралата Св. Александар НевскиФотографија: AP Photo

Доколку сакате да потрошите помалку пари, можете да се ценкате

Најинтересно е што и самите продавачи се многу интересни луѓе, како на пример овој дедо со еден заб, кој објаснува како работи машината за мелење бибер: „Многу ефтин бибер. Супер квалитет. Сувенир за мајки, супер кутија за дами. Сребро, десет евра.”

Откако сте потрошиле некое евро, време е за бесплатни активности. Мојот совет број три е да се посети римската ископина во дворот на претседателската резиденција. Веднаш до ископината ќе ја видите округлата црква Св. Ѓорѓија Ротунда, каде влезот е исто така бесплатен. Св. Ѓорѓија е најстарото здание во Софија, а воедно и најстарата добро одржана римска градба во градот.

На улиците во Софија ќе видите многу кучиња-скитници

Straßenhund in Sofia
Кучиња-скитници има насекаде низ СофијаФотографија: DW

Доколку појдат кон вас игнорирајте ги. Немојте да викате или да трчате, зашто тогаш ќе почнат да трчаат по вас!

Кога сме веќе кај трчањето, Софија најдобро се разгледува пешки. Надвор од центарот и така нема што да се види, освен бескрајни редови на еднолични згради од комунистичките времиња. Нашиот четврт совет е да го избегнувате јавниот превоз, иако возењето во еден правец чини само 50 центи. Поголемиот дел од автобусите се стари и зарѓани и без клима уред. Освен тоа, во нив се возат и многу џепчии. Метрото, пак, поминува само низ многу мал дел од градот. Доколку ви треба превоз, најдобро е да земете такси. Тие се ефтини, чинат околу 25 центи од поминат километар. Но, пред да влезете, проверете го ценовникот на таксистот, бидејќи и тие често ја користат можноста на туристите да им наплатат повеќе.

Прошетката низ градот сигурно ќе ве огладни. Ако сакате нешто традиционално и ефтино, пробајте баница со сирење. Тоа е нашиот совет број пет. Едно големо парче чини само 50 центи. Што се однесува до сместувањето, најдобро е да побарате хостели на Гугл. Ќе добиете неколку можности во центарот на градот, каде едно преноќување не е поскапо од 20 евра.

Автор: Јалдаз Садакова / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Жана Ацеска