1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омразата кон сите што не се Руси е секојдневие во Русија

Јури Решето / З. Јордановски2 септември 2016

Гастарбајтер од Таџикистан пред неколку месеци сред бел ден во Москва беше застрелан од Русин и остана без едно око, со дупка во черепот. Се чини дека такви нешта се тажно секојдневие во Русија.

https://p.dw.com/p/1Iyko
Фотографија: DW/J. Rescheto

Се обидувам да го гледам в очи. Подобро речено, во неговото десно око. Левото го нема. Но, само се огледувам себе си во неговите црни очила за сонце. И, ја гледам неговата капа, под која има десет сантиметри голема дупка на черепот покриена со провизорна метална шина.

Подоцна треба да му биде вградена метална протеза. На Сулаимон Саидов му претстојат уште многу компликувани операции. Здравјето му е руинирано засекогаш. На мајчиниот таџикистански јазик овој 38-годишник раскажува како дошло до ужасниот напад, за кој нема друго објаснение освен омраза. Чиста омраза. Омраза против сите како него, кои не се Руси.

Се жртвувал да го заштити внукот

Тоа се случило во април годинава. Саидов со некој 19-годишен роднина со метро се враќал дома во едно од московските предградија. Некаде попатно во метрото се качил некој човек. „Многу мирисаше на алкохол. Брбореше нешто неразбирливо, потоа почна нас двајцата гласно да не провоцира со навреди“.

Кога Саидов го прашал пијаниот дали има нешто против Таџикистанците, насилникот одненадеж извадил пиштол со гумени куршуми и пукал, прво в стомак и во главата на Сулаимон, а потоа го нанишанил неговиот млад роднина. Во обид да го заштити, Сулаимон се фрлил пред него и така бил погоден по трет пат, тогаш во окото.

Russland Ausländerhass
На Сулаимон Саидов му претстојат уште многу компликувани операцииФотографија: DW/J. Rescheto

Сите гастарбајтери под сомнение

Кога метрото запрело, а патниците се разбегале, полицијата прво сакала да ги апси жртвите облеани со крв, а не пијаниот напаѓач. Во Русија, имено, гастарбајтерите од Централна Азија генерално се под сомнение дека илегално престојуваат. „Веќе 13 години доаѓам во Русија. Русите со кои си имав работа никогаш немаа ништо против мене. Им ги реновирав становите, многумина ми беа лични познаници, сите ја ценеа мојата работа. Овде заработувам 30 до 40000 рубљи месечно, четири до пет пати повеќе отколку во Таџикистан“, раскажува Сулаимон Саидов.

„Властите заташкуваат“

Разговорот на руски ни го преведува Дилшод Саидов, братучед на Сулаимон. Нему му е битно за овој случај да дознаат колку што е можно повеќе луѓе: „Властите прво воопшто не сакаа да кооперираат, иако случајот е јасен. Тие сакаа се‘ да заташкаат и колку што е можно побргу да го завршат случајот. Не беше јасно дали ќе му биде спасено окото на Сулаимон. Нашиот случај, според нивно гледање, воопшто не бил толку тежок“.

Против напаѓачот Сергеј З. се води истрага. Тој е осомничен за обид за убиство. Нејасно е дали како отежителна околност ќе биде земена предвид и омразата кон странците. На Сулаимон и Дилшод тоа им е важно, на властите, се чини, не.

Милион Таџикистанци секоја година доаѓаат во Русија

Според официјални наводи на руските миграциони власти, сега во Русија престојуваат 878.536 жители на Таџикистан. Речиси сите се трудови мигранти, гастарбајтери – овој германски поим одамна е одомаќен во рускиот јазик. Секоја година повеќе од еден милион од нив доаѓаат во Русија во потрага по работа. Нивната татковина Таџикистан е една од најсиромашните поранешни советски републики во Централна Азија.

Но, исто така повеќе од еден милион Таџикистанци повторно ја напуштаат Русија, најголемиот дел како протерани. Пред неколку години Русија во борбата против теророт ги заостри законите за странците и сега демонстративно води борба за сузбивање на илегалниот престој.

Russland Ausländerhass
Саидов вели дека не ги мрази РуситеФотографија: DW/J. Rescheto

Со „Товар 200“ назад во татковината

„Честопати полицијата на сред улица демонстративно апси мигранти“, раскажува еден гастрабајтер, кој не сака да си го каже името. „Притоа едноставно многупати причина се бирократските постапки што луѓето не ги разбираат, некакви документи кои погрешно ги пополнуваат или превисоката такса за регистрација што не сакаат да ја платат“, се жали Каромат Шарипов, претседател на здружението „Таџикистански трудови мигранти“, во разговор за ДВ. „Ние овде живееме според мотото: ‘Бори се, ако сакаш да преживееш‘. Ние сме во малцинство. Овде важи правото на посилниот. Послабиот мора да страда“.

Нема статистики колкумина Таџикистанци во Русија биле жртви на акти на омраза спрема странците или дури поради тоа го загубиле и животот. Останките на настраданите често не се ни пренесувани во нивната татковина, туку бргу се погребувани на најблиските муслимански гробишта. Според наводите на Каромат Шарипов, тој самиот секојдневно посредува за испраќање во татковината на тројца до четворица сонародници со таканаречениот „Товар 200“. Мртви, во метален ковчег. „Вкупно во Русија умираат 1300 Таџикистанци годишно“, вели Шарипов.

Сулаимон Саидов преживеа, со најтешка телесна попреченост. Ги мрази ли Русите? „Не. Мислам дека човекот немаше ништо конкретно против мене. Тој едноставно ги мразеше сите што не се Руси“.