ОЕЦД ја пофали Германија за интеграцијата на бегалците
15 март 2017Брзото распоредување на бегалците на пазарот на труд и инсистирањето да научат германски јазик биле клучните фактори за нивната интеграција, изјавија авторите на студијата на прес-конференција во Берлин.
Генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз, Габриела Рамос, ги опиша како импресивни првите чекори во интегрирањето на новите дојденци од конфликтите региони како што е Сирија.
Според неа, следните чекори се да се осигура останување на бегалците кои имаат перспектива, тие да најдат работа и да зачекорат во германското општество.
„Млади и мотивирани“
Министерката за труд Андреа Налес од Социјалдемократската партија (СПД), коалициски партнер во владата на канцеларката Ангела Меркел, изјави дека голем дел од бегалците се млади и мотивирани.
„Може да ги тренираме и да имаме отворени работни места“, изјави Налес, додавајќи: „Сѐ уште сме на почетокот“.
Тоа се однесува на околу 400.000 бегалци чиј престој е веќе решен, но и покрај тоа тие останале невработени, иако во меѓувреме посетуваат часови на кои учат за германската култура и јазик.
Според студијата на ОЕЦД, по пристигнувањето во Германија и процесирањето на нивните барања за азил, кое може да трае и неколку месеци, 14% од бегалците наоѓаат работа.
„Маратонски“ напор
Претседателот на Германската сојуз на работодавачи (БДА), Инго Крамер, предупреди дека успешната интеграција на работното место е „маратон“.
„Сепак, кога функционира, тоа е можност за индивидуалците и за нашата земја“, изјави Крамер, нагласувајќи дека сегашната реторика на протекционизам е неодржлива.
Притоа тој мисли на барањата на германската индустрија во последните години за адекватно образувани практиканти, на актуелниот економски подем и сѐ помалиот број работоспособни млади Германци.
Крамер сугестира дека задолжителното образование за децата бегалци треба да се прошири и на оние кои веќе имаат наполнето 18 години.