1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одложен „клучот“ за атомските централи

6 септември 2010

Германската влада најде компромисно решение околу продолжувањето на работата на нуклеарните централи во земјата. 17-те нуклеарки ќе останат во просек по 12 години подолго во употреба. Опозицијата упати остри критики.

https://p.dw.com/p/P4yj
Наместо клуч, продолжување на работатаФотографија: picture-alliance/ dpa

Спогодбата меѓу владините партии дојде ноќеска (05.09.2010) по повеќемесечни натегања. Како главни преговарачи компромисот синоќа по 12 часовни преговори го соопштија министрите за екологија и за економија, Норберт Ретген и Рајнер Бирдерле. Министрот за заштита на човековата средина, Норберт Ретген појасни:

„Се договоривме постарите атомски централи да добијат продолжување на работниот век за осум години. Поновите, кои имаат и нова технологија, ќе добијат по 14 години, што во просек изнесува 12 години.“

Дополнителни приходи со спогодбата

За возврат за ваквото продолжување на работењето на атомските постројки, енергетските концерни ќе платат придонес за поддршка на обновливите енергии во земјата во вкупен износ од 15 милијарди евра, посочи министерот за економија Рајнер Бридерле, кој ја фалеше спогодбата:

„Тоа што ни успеа да постигнеме спогодба со концерните, да добиеме дополнителни средства во висина од околу 15 милијарди евра за обновливите енергии, тоа го сметам за важен чекор.“

Greenpeace-Aktivsten protestieren vor AKW Krümmel
Активисти на „Гринпис“протестираат пред атомска централаФотографија: AP

Опозицијата со остри критики

Од партиите на опозицијата во Германија, како и од здруженијата за заштита на човековата околина дојдоа огорчени реакции. Шефот на собраниската група на Партијата на зелените во Бундестагот Јирген Тритин нагласи дека сега станало јасно оти со оваа опасна технологија ќе имаат проблеми дури и нашите деца и внуци. Тој проценува дека владата на Ангела Меркел ќе се обиде да го продолжи работењето на нуклеарните централи дури до 2050 година, а не само до 2040, како што сега се проценува. Претходниот договор на владината коалиција на социјалдемократите и Партијата на зелените, кој се’ уште е на сила, предвидуваше последната нуклеарка да се исклучи од мрежата во 2025 година.

Поранешниот министер за екологија од редовите на Социјалдемократската партија, а сега нејзин актуелен претседател, Зигмар Габриел, оцени:

„Безбедносните интереси на населението овде се продаваат за пари. Доколку социјалдемократите заедно со Партијата на зелените добијат можност повторно да одлучуваат за енергетската политика на земјата, тогаш овие одлуки ќе ги ревидираме.“

Zerlegung von Gebäudeteilen des ehemaligen Atomkraftwerks Lubmin per Laserschneider
Фотографија: Energiewerke Nord

Актуелната претседателка на Партијата на зелените, Клаудија Рот и’ се закани на владината коалиција во Берлин:

„На оваа влада и’ ветувам жешка политичка есен. Не може да се води политика спротивна на безбедносните интереси на луѓето и спротивна на подобрите аргументи.“

Опозицијата најави тужба до Уставниот суд на Германија.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/дв

Редактор: Жана Ацеска