1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбројувањето почнува: Името во фотофиниш!

7 јуни 2018

Течат последните денови за одлука околу предлог-пакетот за решавање на спорот за името. По синоќешните протести во Грција, организаторите најавија „голем протест“ во Атина на 8 јули, три дена пред Самитот на НАТО

https://p.dw.com/p/2z3z3
Griechenland Proteste in Thessaloniki Namensstreit Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Од денеска до сабота, течат последните рокови во кои граѓаните на Македонија и Грција треба да бидат информирани дали постои заемна согласност околу последниот предлог-пакет за компромисно решавање на дводеценискиот спор за името.

„Ако Владата на ПЈРМ одговори позитивно, тогаш телефонскиот повик ќе биде упатен до Алексис Ципрас. Доколку тоа не се случи, преговорите пропаѓаат и двете земји ја губат можноста сега да најдат решение“, пишуваат повеќе грчки медиуми.

Според нивни, неофицијални информации, за ставот за предлогот Заев прво треба да го информира посредникот на ОН во преговорите, Метју Нимиц, а потоа и грчкиот премиер.

Во однос на името, грчките медиуми пишуваат дека „станува збор за предлогот 'Република Северна Македонија', со опсег на употреба erga omnes, но со диференцијација, односно со можност за преоден период, можеби од две години, за да се спроведат уставни измени“.

„Нова Демократија“ против македонски идентитет  

Најавите од Скопје и Атина дека двете земји се блиску до решение, вчера предизвикаа искри меѓу Владата и опозициската „Нова Демократија“.

„Ставот на 'Нова Демократија' е јасен: Решението мора да биде едно и да се состои од три елементи: Промена на Уставот на Република Македонија, отстранување на каков било иредентистички елемент, и име за сите употреби - и во рамките на земјата, и надвор од границите на Македонија. Признавањето на 'етнички Македонци' и 'македонски јазик' не е прифатливо“, се вели во соопштението на „Нова Демократија“.

Партијата му упати и „јасно предупредување“ на премиерот Ципрас: „Тој нема политички легитимитет да ја обврзе нашата земја со меѓународен договор што ќе им наштети на националните интереси“.

Griechenland Alexis Tsipras mit Kyrikos Mitsotakis
Искри меѓу грчката влада и опозициската „Нова Демократија“ (фото: Ципрас и Мицотакис на средба околу преговорите за името на 27 јануари 2018)Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/W. Aswestopoulos

Од владината прес-служба веднаш ѝ одговорија на опозицијата.

„Значи, прашањето за г-дин Мицотакис е едноставно и јасно: Дали единственото и глобално решение што го бара, треба да се заснова на сложеното име преговарано од владите на Костас Караманлис и Константинос Мицотакис? Дали тоа го вклучува терминот 'Македонија'? Да или не?“, прашуваат од Владата, додавајќи дека „Нова демократија“ се обидува да ги подели Грците за да ја скрие неспособноста да артикулира јасна и одговорна позиција за решавање на спорот, поради нејзини внатрешни разлики.
И шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на социјалните мрежи уште еднаш го повтори она што го објаснил во интервјуто на ЕРТ.

„Тие прифатија на конференција на ОН во 1977 година дека јазикот на Скопје се нарекува 'македонски'. Оттогаш, тој е ставен на списокот на официјални јазици на ОН, каде што останува“, напиша Коѕијас. 

Загревање за протест во Атина

Оваа преписка се одвиваше во пресрет на синоќешните протести во 23 грчки градови за одбрана на „грчкиот карактер на Македонија“. 

 „Не ми е јасно како некои политичари, кои се сметаат себеси за прогресивни, во моментов се на протести“, изјави лидерот на партијата „Потами“, Ставрос Теодоракис, потенцирајќи дека „во интерес на Грција е да се постигне договор со Скопје“.

„Од Епир до Тракија, и од Македонија до Крит, се протестира против договорот што ќе го содржи името Македонија“, јавија грчките медиуми. Но, истовремено констатираат дека мобилизацијата не била таква каква што најавувал организаторот. Иако имало случаи во ист град да има собири дури и на две локации, сепак, одзивот не бил голем. Дел од учесниците упатиле забелешки дека имало притисоци со цел да се намали нивното присуство на протестите.

BG Griechenland Mazedonien Namensstreit
Организаторите најавија „голем протест“ во Атина на 8 јулиФотографија: Getty Images/M. Bicanski

„Сѐ што се случува денес, е загревање за следниот голем протест на плоштадот Синтагма во Атина, на 8 јули“, најавиле синоќа организаторите на протестите. Грчките медиумите потсетуваат дека избраниот термин е три дена пред Самитот на НАТО.

„Не може со мастило да се даде име добиено со крв“ е една од пораките на протестот во Пела, родното место на Александар Велики, каде што се собраа околу 3.000 демонстранти. Главните критики биле упатени до Владата, а најголемиот број слогани упатени против Ципрас и Коѕијас.

Се чека напредок

Додека македонската јавност е во исчекување на одговорот за последниот предлог-пакет, струјат информации дека за него ќе се разговара на владина седница и на „пошироки партиски консултации“. Од Владата засега не ги потврдуваат ваквите наводи. 

Ова се денови и кога вниманието на стратегиските пријатели на Македонија е свртено кон очекувањето да се реши спорот за името.

„САД продолжува да игра тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите и охрабрува да се најде решение за името за Македонија да стане членка на НАТО“, изјави Вес Мичел, помошник државен секретар во Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија, одговарајќи на прашања на присутните по неговото обраќање во Херитиџ-фондацијата.

USA Washington A. Wess Mitchell
Мичел: Вашингтон е во секојдневна координација со партнерите Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Brandon

Тој посочи дека неодамна ги посетил Србија, Косово и Македонија и оти Вашингтон е во секојдневна координација со партнерите од Германија, Франција, Италија и Велика Британија, а за решавањето на проблемите во Западниот Балкан се дискутира секојдневно во неговиот ресор.

„Не очекувам некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, да бидат целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок“, рече Мичел.