1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбиено барањето за кауција, Асанж останува во притвор

8 декември 2010

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж ќе остане во притвор во Велика Британија, најмалку до 14 декември, за кога е закажано ново сослушување. Неговиот адвокат синоќа оцени дека апсењето на Асанж е политички мотивирано.

https://p.dw.com/p/QSsY
Фотографија: picture-alliance/dpa

И покрај материјалните и личните гаранции од неколкумина познати британски јавни личности, судот во Лондон го одби барањето за кауција на Асанж, оценувајќи дека е голема опасноста тој да избега од земјата.

Од Викиликс, одлуката на судот ја оценија како бизарна и најавија дека ќе продолжат со објавувањето на американските тајни документи. Адвокатот на Асанж, Марк Стивенс, пак изјави дека станува збор за политички мотивирано обвинение.

„Ќе поднесеме ново барање за кауција. Во моментов се наоѓаме во една интересна ситуација да не сме во можност да видиме ниту еден од доказите за делата за кои Асанж е обвинет. Очекувам многу луѓе да дојдат и да гарантираат за г-н Асанж. Многумина, меѓу нив и јас, веруваме дека Асанж е невин и дека станува збор за политички мотивирано обвинение“, рече Стивенс.

Шведска: Истрагата нема врска со Викиликс

Асанж е обвинет за сексуално малтретирање и вознемирување во два наврати, а последната точка го товари дека остварил сексуален однос со жена во нејзиниот дом во Стокхолм додека таа спиела.

Шведската обвинителка Мариане Ни синоќа уште еднаш изјави дека нејзината истрага нема никаква врска со Викиликс.

Американските власти соопштија дека апсењето на Асанж е билатерално прашање меѓу Британија и Шведска и ја одбија можноста во оваа фаза да бараат негова екстрадиција во САД. Портпаролот на американското Министерство за одбрана изјави дека по објавувањето на тајните дипломатски документи, странските земји го намалуваат обемот на соработка со САД, а во најмалку еден случај досега, претставници на странски држави барале да не се водат белешки за време на официјална средба.

Julian Assange London Medien
Претставници на медиумите пред судот во Лондон каде беше сослушан АсанжФотографија: AP

Асанж: Викиликс треба да се заштити а не да се напаѓа

Од друга страна, по серијата блокади и напади врз Викиликс и неговиот основач, од вчера и поддржувачите на Асанж возвратија на нападите. Група анонимни хакери ја нападнале и ја блокирале интернет-страницата на шведското обвинителство, а цел напади биле и Пеј Пал, Мастеркард и швајцарската поштенска банка, каде беа блокирани сметките на Викиликс и Асанж.

Австралискиот весник „Аустралијан“ денеска објавува отворено писмо на Асанж во кое тој порачува дека Викиликс заслужува заштита, а не напади и закани поради тоа што без страв објавува „факти за доброто на јавноста“. „Не го убивајте гласникот бидејќи открива непријатна вистина“, порачува Асанж. Тој вчера доби отворена поддршка и од владата на неговата матична држава, откако шефот на австралиската дипломатија Кевин Руд изјави дека за протекувањето на тајните документи треба да се обвинат САД, а не Асанж.

Автор: БГ/СН/афп/ројтерс

Редактор: Симе Недевски