Од самитот во Вашингтон се очекуваат конкретни заклучоци
15 ноември 2008Американскиот претседател Џорџ Буш, на приемот во Белата куќа, пред шефовите на држави или влади и нивните министри за финансии, како и претставниците на повеќе меѓународни организации порача: „Милијарди луѓе, сметаат на нас, да овозможиме долгорочна стабилизација на финансискиот систем“. Истовремено домаќинот предупреди од преголеми очекувања. Проблемот не се создаде преку ноќ, и не може да биде решен преку ноќ. Но доколку ја продолжиме соработка и делуваме одлучно тој ќе биде решен, рече Буш пред гостите.
По заедничката вечера во Белата куќа, самитот влегува во одлучувачката фаза
Денеска се очекува лидерите да усвојат конкретни предлози за реформа на финансискиот систем. Во планираниот завршен документ од самитот, треба да се истакне, дека во иднина „сите финансиски пазари, финансиски производи и учесници во финансиските пазари треба да подлежат на одредени регулации или да бидат набљудувани.“ Министрите за финансии на Г-20 државите треба да подготват и конкретни предлози за регулирање на финансискиот систем. Првите краткорочни мерки се очекуваат до 31 март наредната година. Заклучоците од средбата во Вашингтон ќе бидат објавени во заедничка декларација на крајот на финансискиот самит.
Г-20 државите инаку репрезентираат две третини од светското население и речиси 90 проценти од светската економија. На средбата, покрај шефовите на држави или влади на 20-те најважни индустриски и земји во развој, учествуваат и претставници на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.