1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од каде токму 82 милијарди за Грција?

К.Фелд/А.Шубиќ/сн27 јули 2015

За време на грчката криза големите играчи се рафрлаат со астрономски износи: милиони, милијарди, билиони... Новиот пакет помош би требало да изнесува 82 милијарди евра до 2018. Но како воопшто се дојде до оваа сума?

https://p.dw.com/p/1G54O
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

На почетокот една „добра“ вест за Грците: омразената Тројка - во последните месеци маскирана под изразот „институции“- сега навистина ќе престане да постои, бидејќи сега посоодветно ќе биде да се говори за Четворка. Имено, доверителуие од Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и Европската комисија ќе ги придружува и претставник на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) со седиште во Луксембург, на чие чело во моментов е германскиот политичар Клаус Реглинг.

Грција всушност сака во новите програми воопшто да не учествува ММФ, надевајќи се дека „веќе некако“ ќе се договори со Европејците и знаејќи дека ММФ тешко попушта. Ама европските партнери настојчиво го одбиваат тоа барање и сакаат и ММФ да биде во спасувачкиот чамец - на крајот од краиштата и затоа што на тој начин 25 милијарди евра би дошле од касата на Фондот и на Светска банка.

Во секој случај меѓународните кредитори знаат дека Грција е далеку од тоа да се исправи на сопствени нозе и сметаат дека до 20018 година ќе и‘ бидат потребни уште 82 милијарди евра - најмалку. Но како воопшто се дојде до таа бројка и зошто со толкава леснотија се расфрла со милијарди евра нагоре или надолу? Причината лежи во тоа што е тешко да се проценат идните приходи, а уште потешко расходите на Грција. Еве мал преглед:

90,2 милијарди евра од една страна...

Најголеми ставки на расход се следниве:

Докапитализација на грчките банки: (25 милијарди евра): Состојбата во грчките комерцијални банки и онака не беше најдобра, ама во последно време „драматично се влоши“, пишува во документот на Европската комисија. Причината за тоа е несигурноста во грчката платежна сопсобност, привременото запирање на работата на банките и надзорот на протокот на капитал. Колку капитал навистина им треба на грчките банки - тоа треба допрва да го покажат дополнителните истражувања. Тие треба да откријат како тие силни милијардои на крајот да стигнат од даночните обврзници - оние во Грција, но и оние во другите земји од еврозоната.

Отплата на државниот долг (53,7 милијарди евра): Граѓаните на Грција се посебно лути поради тоа што голем дел од оваа и онака најголема ставка заминува во касите на „институциите“, кои сега и треба да и‘ позајмат пари на Атина: ММФ и ЕЦБ. Грчките финансии би изгледале сосема поинаку кога не би биле каматите- само тие изнесуваат 17,8 милијарди евра. Атина секогаш одново бара да бие ослободена од тие камати, што пак во банкарските кругови се нарекува репрограмирање на долговите. Но земја која е на работ на банкрот не е во ситуација да поставува барања, бидејќи без толку големи камати и онака никој во светот не би ѝ позајмил пари.

Ликвидност на грчката држава (11,5 милијарди евра): Владата во Атина и претходно имаше незгодна навика да троши далеку повеќе отколку што има, ама во последните месеци на беспарица тоа поприми речиси екцесивни размери. За некако да се соберат пари за плаќање на ратите од долговите испразнета беше касата на пензискиот фонд, државата не ги плаќаше сметките, дури и на вработените им беше задржан дел од платата со ветување дека и тој дел ќе го добијат еден ден. Сите тие испразнети каси сега треба да се надополнат и тоа, ако е можно, со нешто повеќе пари за да се осигура ликвидноста.

Griechenland Öffnung der Banken in Athen
Фотографија: Getty Images/M. Bicanski

8,5 милијарди од друга страна

Покрај овие расходи, меѓународните финансиски институции сметаат дека и нешто ќе пристигнува во касата на Атина.

Примарен буџетски суфицит (6 милијарди евра): Атина секогаш одново повторува дека всушност ја „исполнила домашната задача“ бидејќи по сите мерки на штедење кои ги презема тековните расходи се навистина покриени со приходи - проблем е „само“ плаќањето на долговите. Институциите се надеваат дека тој буџетски плус (додуша примарен, односно пресметан пред исплаќањето на ратите и каматите на кредиторите) ќе биде остваруван сѐ до 2018 година. Дали навистина ќе биде така? Грчката економија бележи пад, а да се биде во рецесија значи дека државните приходи опаѓаат додека расходите по правило растат. Затоа треба претпазливо да се гледа на овие 6 милијарди евра.

Приватизација (2,5 милијарди евра): Документот на Еврокомисијата во кој се проценуваат грчките приходи и расходи е направен на 10 јули 2015 година, значи пред состанокот на претседателите на држави или на влади на земјите од еврозоната. Да потсетиме: таму беше одлучено дека постапката за приватизација на грчките компании кои се сѐ уште во сопственост на државата да ја преземе фонд кој ќе биде под надзор на Европејците. Тој фонд, според пресметките од Брисел, би имал имот во вредност не од 2,5 милијарди, туку дури од 50 милијарди евра. На економските експерти не им е јасно како европските политичари дошле до таа фантастична сума. Иако владата во Атина многу ги цени своите пристаништа и електростопанството, инвеститорите досега не беа многу великодушни со понуди. Затоа може да се заклучи: приватизацијата може да донесе нешто повеќе од 2,5 милијарди евра, но ниту од далеку тоа нема да бидат 50 милијарди евра.