1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Од жртва на Исламска држава, до ловец на терористи

11 август 2017

Масуд Акил бил затвореник на ИД во Сирија. По бегството во Германија, Курдот сфатил дека терористите ги има и во Европа и почнал да ги гони.

https://p.dw.com/p/2i3uw
Breitscheidplatz - Masoud Aqil im DW Interview
Фотографија: DW/F. Hofmann

Неговите прсти летаат преку тастатурата на неговиот лаптоп, полн со информации за можни терористи на Исламска држава. Масуд Акил пребарува низ зачуваните снимки на Фејсбук-профили, кои ги направил кога еден поддржувач на ИД, кратко пред бегството во Европа, отворено ги изнесувал своите радикални ставови. Денес профилот на човекот, кого тој го знаел уште од Сирија, не е веќе достапен. „За неверување е, колкумина од нив беа отворени на почетокот“, вели 24-годишникот. Масуд на почетокот на 2016. година и самиот стигнал во Германија преку т.н. Балканска рута и констатирал дека и Исламска држава веќе е тука, односно припадници на неговиот мачител. Имено, Курдот од 2014. до 2015. година бил затвореник на исламистите во шест различни затвори во Сирија. Него и неговиот колега Фарад, на пат да снимаат интервју, ИД ги кидинапирала на една раскрсница во Ројава, која до тој момент не се сметала под исламистичка контрола, туку била под власта на курдските ослободителни единици.

Syrien Masoud Aqil in IS-Haft
Масуд Акил како затвореник на ИДФотографија: Privat/M. Aqil

Дали ИД добила дојава?

Постојат индиции дека ИД добила дојава дека тука ќе поминат двајцата курдски телевизиски новинари. Зашто, Масуд и неговиот партнер Фарад Хамо веќе биле познати. Тие претходните 20 месеци известувале за својата ТВ-станица во живо речиси секојдневно од сириско-курдските области - за политиката, развојот на војната, социјални теми. Курдското раководство во Ројава било на пат да ја стабилизира својата територија и да се етаблира како најважен противник на ИД. Благодарение и на фактот, што како единствена конфликтна страна во Сирија имало помагачи во заднина - ПКК во соседната Турција. Јавна тајна е дека турските Курди беа првите кои ги помогнаа со оружје своите собраќа во Сирија. Денес борците од Ројава од „Единиците на народното ослободување“ се дел од западната антитерористичка алијанса предводена од САД. А нивното познавање на развојот на т.н. Исламска држава вреди злато: исламистите консеквентно врбуваа свои приврзеници  меѓу запоставените луѓе, вели Масуд Акил: „Луѓе кои живееја во пустината, необразовани, постојано игнорирани од сириската влада, кои немаа основа за водење нормален живот“, објаснува Акил. „Ваквите луѓе прифаќаат секакви радикални ставови. ИД го знаеше тоа и свесно се обрати кон нив, успешно ги привлече на своја страна.“

Токму тоа била причината што младиот видео-новинар Масуд Акил и неговиот партнер Фарад Хамо се нашле во мачилиштата на ИД. „Ме испрашуваа и ме мачеа, ме тепаа по нозете, по грбот, ме удираа в лице, ми ја корнеа косата, врескајќи дека сум Курд-неверник, дека сите Курди треба да бидат убиени. Сите, зашто Курдите го спречуваат претворањето на нивната област во исламска земја, според желбата на исламистите.“

Судбината на Масуд кажува многу за начинот на размислување на раководството на ИД, регрутирано делумно од развластените елити на Баат-партијата во соседниот Ирак. При пристигнувањето во вториот терористички затвор во сирискиот град Ал-Џадади, терористите пополниле за него приемен формулар, токму како да станува збор за функционирачка терористичка држава. „Тоа е еден вид затворска легитимација во затворите на ИД. Моите документи беа пополнети од страна на еден припадник на ИД од Тунис.“

Syrien Masoud Aqil in IS-Haft  - Formular
Формулар на ИД за затвореникот Масуд Акил Фотографија: Privat/M. Aqil

Борците на ИД го разврзуваат јазикот

Терористичките џелати прават и грешки: „Тие ми испраќаа борци од ИД, за да ја демонстрираат својата сила“, опишува Масуд Акил. „Ми покажаа новински написи и видеа, во кои западните медиуми известуваат за растечката закана која ја претставува ИД, што ги исполнуваше со гордост.“ Можеби и преголема гордост. Очигледно, од уверување дека тој и онака ќе биде убиен, припадниците на ИД во неговата затворска ќелија зборувале отворено за извршените убиства, раскажува Масуд. Тие наведувале детали, на кои младиот Курд до денес прецизно се сеќава. „Дел од моите извори е она што самиот го чув во затвор, од борци на ИД и од цивили, кои пак самите познаваа многумина припадници на ИД. Информациите ми помагаа во пронаоѓањето на некои потенцијални терористи, стигнати како бегалци во Германија во 2015. и во 2016. година.“

Масуд во затворите-мачилишта на ИД преживеал 280 дена, пред да биде ослободен преку размена на затвореници и да избега во Германија.

Masoud Aqil im DW Interview
Масуд Акил во разговор со Дојче велеФотографија: DW/F. Hofmann

Информации корисни за германските служби

Од Сирија тој донесол со себе прецизни информации, толку прецизни, што и експерти како психотерапевтот Јан Кицилан неговите кажувања ги сметаат за посебно веродостојни. Кицилан е професор во дуалната Висока школа Баден Виртемберг и по налог на покраинската влада се грижи за курдско-језидските жени, поранешни затворенички на ИД, кои сега живеат во југозападна Германија како бегалци.

Мачењата очигледно ги изоструваат сеќавањата: Масуд Акил се сеќава на многу имиња на припадници на ИД. На крајот на август ќе излезе книгата, негово заедничко дело со берлинскиот новинар Петер Кепф, која дава одговор на прашањето зошто тој отворено го покажува своето лице и се спротивставува на ИД: „Затоа што не сакам овие чудовишта и од Германија да направат држава во која важи законот на посилниот, затоа решив сите резултати на моите истражувања, целото мое знаење, да го доверам на германските служби.“

Укажувањата вистински се од помош на германските служби при нивните истраги, иако Сојузната антикриминалистичка служба не сака да коментира одделни случаи. Но, очигледно е дека укажувањата од бегалското милје во меѓувреме се сфаќаат посериозно. „На почетокот се прашував зошто не ме сослушуваат подетално“, до денес се чуди Масуд Акил. Но, германските власти очигледно дури подоцна ја сфатија важноста на информациите со кои располагаат стотиците илјади сириски бегалци, кои стигнаа во Германија преку Балканската рута во 2015. година.