1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Германија депортираниот Алек останува во Македонија

Кристина Озимец
2 април 2018

12-годишниот Алек од Македонија кој неодамна беше депортиран од Германија, останува да живее со неговиот татко кој сега е на метадонска терапија. Случајот предизвика внимание во регионалните медиуми во Германија

https://p.dw.com/p/2uqzU
Symbolbild Flüchtlinge Polizei Kontrolle Abschiebung
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

На 9-ти март кумановските социјални служби разговарале со малиот Алек и неговиот татко Владимир, кој изјавил дека сега е адаптиран во семејството на татко му и дека е среќен што повторно е заедно со таткото, велат од Министерството за труд и социјална политика за Дојче веле.

Во тек е постапка за нострификација на свидетелствата на детето кое своето образование ќе го продолжи во ООУ ,,Вук Караџиќ” - Куманово. Детето според информациите од институциите изјавило дека е во блиска релација и со тетка му од страна на мајката и сега е во можност често да ја посетува. Според изјавите на таткото и малолетното дете, Алек се наоѓа  во општа добра здравствена состојба и имал здравствено осигурување преку таткото.

Детето претходно престојувало во Германија со својата баба по мајчина линија, додека таткото на детето, со бабата и дедото по таткова линија, живеат во Македонија.

Германските медиуми известуваа дека Алек е тешко болен, и пред околу две години престојувал во посебен центар за згрижување на млади лица кои страдаат од психички и физички болести. Лекарите во Германија оцениле дека момчето е психички болно, трауматизирано, во опасност од самоубиство и зависно од лекови за смирување. Но и покрај тоа, бил депортиран во земјава.

„Алек користи некоја терапија од Р.Германија и самиот не знае за што е и каква е. Стручниот тим ги упати да се провери детално каква е терапијата и за што се употребува“, велат од МТСП за здравствената состојба на детето.

Оттаму информираат дека моментално бабата по мајчина линија, која живее во Германија нема поднесено барање за старателство над малолетното дете Алек.

Случајот на Алек ги разбранува регионалните медиуми во германската покраина Хесен откако беше депортиран во Македонија кај неговиот татко. За него во Германија се грижела неговата баба, но таа завршила во болница. Според известувањата на тамошните медиуми, таткото признал дека поради неговата зависност од дрога не е во можност да се грижи за синот. Германските медиуми цитираат и изјави од самиот Алек, кој тврдел дека не сака да се врати во Македонија и да живее со таткото, бидејќи условите се лоши.

Малолетникот Алек во 2012 година бил ставен под старателство на неговата баба по мајка бидејќи мајката на Алек починала во 2009 година, а пак таткото Владимир се наоѓал на издржување казна затвор од септември 2012  година.

Kumanovo Mazedonien
Германските медиуми јавуваа дека Алек бил депортиран и покрај болестФотографија: Petr Stojanovski

Дете заглавено во правен лавиринт

Таткото Владимир во 2013-та побарал да преземе грижа за својот малолетен син и ветил дека ќе се грижи за неговото здравје, успех во училиште и неговиот правилен раст и развој, бидејќи е излезен од затвор, и се наоѓа во општа добра здравствена состојба.

„Поради горенаведеното, со Решение  од 28.10.2013 година  престанува старателството  над малолетното дете а старателот неговата баба Сузана, се ослободува од старателската должност. Во однос на здравствената состојба на таткото Владимир, истиот се изјасни дека е во општа добра здравствена состојба и дека е корисник на метадонска терапија.  

Поради нерегулиран престој во СР Германија, согласно склучениот договор на Р. Македонија-ЕУ за реадмисија, Р. Македонија на барање за преземање доставено до МВР од страна на германски надлежни власти е обврзана да го преземе својот државјанин (во случајов детето Алек)“, велат од МТСП.

Постапката за преземање на детето започнала во март 2017 година, поради незаконскиот престој на Алек во земјата. Германија побарала детето да се преземе и да се врати во земјава заедно со неговата баба и првата најава била тоа да се направи во јуни ланската година, но истата е одложена и повторно се актуелизира преземањето на детето во Македонија по постапка за продолжување на престојот водена во Германија. Втора најава за преземање на детето била на 12 декември 2017 година и истата е пак одложена, за да биде конечно реализирана на 5. февруари годинава.

„На денот на преземањето во последен момент германските власти го вратија детето, но без неговата баба. На скопскиот аеродром детето е преземено од страна на неговиот татко, и согласно изјавата што ја има дадено пред стручниот тим во Куманово, изјавил дека ги презема обврските за грижа за својот син. ЈУ МЦСР Куманово постапуваше по однос на предметот, а неговата баба и дедо (по таткова линија) изразија спремност да му дадат поддршка на таткото на детето во делот на обезбедување на грижата за него“, велат од министерството.

Deutschland Junger Migrant in der S-Bahn in Berlin
Алек сега треба да се снајдува во новата средина во МакедонијаФотографија: picture alliance/dpa/W. Steinberg

Таткото на Алек: Не мораше да го депортираат детето како да е престапник

Таткото на Алек, Владимир за Дојче веле тврди дека сега Алек е во добра здравствена состојба, но дека се уште е исплашен од сите трауми кои ги доживеал.

„Детето е малку исплашено, испратено е со полиција од Германија само, а се работи за малолетно дете 12 години. Тоа беше голем пропуст на германската држава, можеле да почекаат, уште една недела да излезе од болница баба му, да нѐ известат, па да дојдеме, да го земеме, вака е испратено како да направил некаков престап таму, екстрадиција му направиле“, вели Владимир.

Тој тврди дека Алек е во добра здравствена состојба и сега живее со него и неговите родители. Тргнал и на училиште, има мали проблеми во однос на кирилицата бидејќи неколку години учел на германски јазик.

„Јас сум му старател, бабата немаше никаков документ дека треба да седи таму, практично Алек е останат на црно, без регулиран статус. Сега е сменет на подобро, посталожен е и посмирен. Има доживеано траума уште од мал, бидејќи ја пронајде мајка му мртва“, вели таткото.

Тој тврди дека е способен за грижа за детето, иако признава дека има проблеми со финансиите бидејќи нема вработување.

„Немам никаква работа, не сум вработен, ми ја скинаа и социјалната помош. Сега живееме со пензијата од моите постари родители“, додава тој.

Според Советот за бегалци на покраината Хесен, таткото на Алек е зависник од дрога и претходно осудуван за семејно насилство. Мајката на детето починала од предозирање со хероин кога Алек имал четири години.Тие сметаат дека бабата во Германија треба да го добие правото на старателство. Отворена била и сметка за донации за помош на Алек, на која се собрани 1.000 евра за трошоци за адвокатот, лекови и за негово враќање. Според информациите оттаму, Алек примал високо дозирани средства за смирување кои му се неопходни, а залихите на лекови му се доволни за само неколку недели. Неговата баба и натаму живее во Алсфелд. Медиумите известуваа дека ноќта пред депортацијата на Алек таа си ги пресекла вените од страв дека и самата ќе биде депортирана.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид