Од барокна до модерна архитектура: Најубавите библиотеки во Германија
Алберт Ајнштајн еднаш рекол дека апсолутно мора да ја знае само локацијата на библиотеките. Во продолжение ви претставуваме селекција од омилените библиотеки во Германија.
Општинска библиотека во Штутгарт
Замислена како интелектуален и културен центар, новата општинска библиотека во Штутгарт беше изградена во 2011 година во форма на коцка висока девет спратови. Надворешната конструкција е од цемент во кој се врамени стаклени цигли. Во ентериерот силно доминира белата боја, а книгите кои ги исполнуваат ѕидовите се единсвеното шаренило од други бои. Навечер библиотеката е осветлена во различни бои.
Библиотеката на војвотката Ана Амалиа
Библиотеката претставува мало богатство лоцирано во Вајмар и во неа се сместени книги, мапи, музички скрипти и стари регистри. Именувана е според војвотката на чие инсистирање колекцијата на книги на судот била преместена во библиотеката изградена и уредена во рококо стил во 1766 година. Во 2004 година дел од скапоцената колекција беше уништен од пожар. Библиотеката е под заштита на УНЕСКО.
Библиотека „Херцог Август“
Библиотеката во Волфенбител е една од најстарите во светот која од почетокот на своето постоење нема изгубено ниту еден дел од својата колекција. Страствениот колекционер на книги, војводата Август (1579 - 1666) ја поседувал најголемата библиотека во Европа во тоа време. Голем дел од академската јавност и денес ја посетува библиотеката поради нејзината колекција на литература од средниот век.
Библиотека Фостер
Поради нејзината кранијална форма, библиотеката во Берлин популарно ја нарекуваат „Мозокот“. Во неа се сместени библиотеките на одделите за филозофија и општествени науки на Слободниот универзитет во Берлин, а зградата на оваа библиотека брзо стана препознатлив симбол за Берлин. Дизајнирана беше од меѓународно познатиот архитект Норман Фостер и беше отворена во 2005 година.
Оберлаузиц библиотека на науките
Оберлаузиц библиотеката на науките во Герлиц се наоѓа на самата граница со Полска и датира од 1806 година. Едноставна, но примамлива, таа е една од највпечатливите библиотеки изградени во класичен стил. Повеќе од 140.000 книги сведочат за историјата, културата, природата и општеството во регионот помеѓу Дрезден на запад и Вроцлав на исток.
Центар „Јакоб и Вилеб Грим“
Спектакуларниот Грим центар е дел од Хумболт универзитетот во Берлин. Изграден е во 2009 година, а во него е сместена универзитетската библиотека и компјутерски и медија центар. Читалната е во срцето на зградата. На читателите им дава „чувство како да се надвор“ поради нејзината големина и сценски дизајн, вели архитектот Макс Дудлер. Дава чувство „како да се чита под отворено небо“.
Државна библиотека на Баварија
Колекцијата на книги во државната библиотека во Баварија, започната во средината на 16-от век, денес брои повеќе од 10 милиони книги. Баварската библиотека во Минхен порано била позната под името „Regia Monacensis“. Колекцијата на книги е сместена на локацијата на старата библиотека која била изградена помеѓу 1832 и 1843 година, но била комплетно уништена за време на Втората Светска Војна.
Читална „Колумба“
Иако не наликува на другите библиотеки во оваа секција, читалната во музејот Колумба заслужува место меѓу нив. Обложена со панели од дрво, таа е одлично место за размислување и нуди прекрасен поглед врз центарот на Келн низ високите прозорци. Понудените книги вклучуваат каталози, индивидуални публикаци, голем број новели и детски и уметнички книги – сите по избор на вработените во музјеот.