1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огромни очекувања од Обама во Германија

Дојче Веле, Андреа Грунау, С.Н20 јануари 2009

По Џон Кенеди ниту еден американски претседател не предизвикал толкаво воодушевување во странство. И во Германија повеќето политичари се радуваат на ерата на Обама. Меѓутоа, потребна е трезвеност, велат експертите.

https://p.dw.com/p/GcXa
Обама пред двесте илјади воодушевени Германци во Берлин во летото минатата годинаФотографија: AP

Барак Обама веќе предизвика воодушевување во Германија, кога на крајот на јули минатата година го посети Берлин. Двесте илјади луѓе го поздравија претседателскиот кандидат на Демократската партија во центарот на германската престолнина. На четврти ноември, на денот на изборите во САД, милиони Германци заедно со него ги исчекуваат резултатите. Победата на Обама потоа разбуди еуфорични очекувања.

„Доколку оствари само половина од работите, што претходно ги најави, тогаш тоа ќе биде огромен чекор напред за целиот свет и поради тоа неверојатно се радувам“.

Ваквиот оптимизам не ги одмина ниту германските политичари.

Obama in Berlin - Anhänger mit Plakat
Германски граѓанин со плакат со натпис „Обама за канцелар“Фотографија: AP

Голема шанса за САД и целиот свет

Канцеларката Ангела Меркел денеска најави дека новиот американски претседател веројатно ќе ја посети Германија веќе во април и го потенцираше значењето на изборот на Обама.

„Мислам дека за Америка ова е навистина голем момент и општествено-политички настан. Претседател станува човек со друга боја на кожата, човек со сосем поинаква лична биографија, Во тоа гледам многу шанси. Се надевам дека столб на нашата соработка е да се слушаме меѓу себе, решенијата да се носат врз основа на сознанието дека проблемите во светот не може да ги реши само една земја, туку дека тоа можеме да го постигнеме само заеднички“, истакна Меркел во изјава за првиот канал на германската телевизија.

И претседателот на Германија, Хорст Келер, изјави дека изборот на Обама е голема шанса за германско-американските односи и за целиот свет.

Затоа изгледа навистина отрезнувачки, кога политикологот од Бон Кристијан Хаке укажува на тоа дека Барак Обама пред се’ нормално е обврзан да и’ служи на неговата татковина.

„Тоа е човек кој ги освојува срцата, но исто така знае дека неговиот шарм и способност ќе ги искористи за интересите на САД. Во тоа можете да бидете сосем сигурни“, вели Хаке.

Тоа очигледно не го вознемирува германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмајер.

Bildgalerie Obama in Berlin Händedruck mit der Kanzlerin
Барак Обама и канцеларката Меркел ќе имаат нова средба во Берлин веројатно веќе во априлФотографија: AP

„Предлозите што ги претстави за заштитата на климата, енергетската сигурност, политиката на разоружување, новиот однос со меѓународните организација, во сите овие пунктови ние го поддржуваме и затоа се радувам на соработката со новата американска влада“, рече Штајнмајер.

Обама нема да може да прави чуда

Станува збор за точки во кои Германија не можеше да ги хармонизира односите со владата на Буш. Меѓутоа, ни сите замисли на Обама не се блиски до оние на германската влада. Тој уште минатото лето во Берлин најави дека посакува повеќе европски и германски војници да бидат ангажирани во Авганистан. Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг, но и Карстен Фогт, човекот кој ги координира односите на владата во Берлин со САД засега не гледа причина за конфликт околу ангажманот на германски војници во проблематичниот јужен дел на Авганистан:

„Советниците на Обама знаат дека во Бундестагот особено во една изборна година нема да има мнозинство за долгорочен ангажман на германските трупи на југот на Авганистан и затоа тие нема да упатат вакво барање“, истакнува Фогт.

Barack Obama bei Vorwahl Ralley in Iowa
Обама не е чудотворец, предупредуваат германските политиколозиФотографија: AP

Финансиската и економскате криза, воените конфликти во Ирак, Авганистан и Блискиот Исток - проблемите и задачите се огромни и затоа политикологот од Бон - Кристијан Хаке, но и други експерти, предупредуваат за претераните месијански очекувања од новиот американски претседател:

„Очекувањата од Обама се огромни, но тој нема да може да оди по вода. Мора да биде јасно дека тој нема да може да прави чуда“, вели професорот Хаке.