1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ова е нашиот Ден на независност“

Кристоф Рикинг / Е.М. Фиданоска24 јуни 2016

Противниците на ЕУ слават на улиците на Лондон. Но, земјата е поделена. Многумина се загрижени за иднината.

https://p.dw.com/p/1JCSU
Фотографија: DW/C. Ricking

По големото невреме од вчера, денешниот ден во Лондон е убав. Облаци речиси нема, сонцето сјае. Убав ден е и за застапниците на брегзит на една улица покрај Темза. Некои се завиткани во британското знаме, други носат големи црвени плакати, на кои е напишано „Гласај за заминување“. Групата го привлекува вниманието. Одвреме-навреме минува по некој автомобил и свири, а групата веднаш почнува за слави.

„Победа на демократијата“

Резултатот од референдумот е тесен, но јасен: Британците сакаат да излезат од ЕУ. Околу 52 проценти гласаа за „Leave“. Еуфорично расположение кај противниците на ЕУ кои се на улиците. „Ова е наш Ден на независност“, вели Сузи, која цела ноќ заедно со истомислениците чекала на резултатите. „Ова е ден на слобода. За тоа се боревме, ова е едноставно прекрасен ден за нас.“ За нејзе, победата на брегзит во прва линија е победа на демократијата. Таа ја поврзува ЕУ со корупција, со тоа дека никој „не мора да презема одговорност“. „Народот го кажа своето: ќе владееме самите со себе!“

„Одушевени сме“, вели Кристин Форест. Таа носи панталони со дизајн како британското знаме и шешир во боите на знамето. „Бев вклучена во кампањата. Тимот е одличен“, го фали таа својот табор. Кристин не се плаши од последиците. „Велика Британија може да егзистира и сама. Беше речено и дека е катстрофа ако не се приклучиме кон монетарната унија, па на крајот се случи токму спротивното.“

London Brexit-Befürworter Feier
Кристин Форест не се плаши од последицитеФотографија: DW/C. Ricking

Загриженост за економијата

На околу еден километар оддалеченост е станицата Ватерло. Во огромната железничка станица владее утринска бркотница. Мајкл Стеинсбари е на пат за работа, но сепак одвојува неколку минути за да каже дека само што ги видел резултатите од референдумот на својот мобилен телефон. „Разочаран сум, затоа што јас гласав за останување во ЕУ.“ Вели дека не сметал со ваков резултат од референдумот. „Тоа е скок во непознато“, нагласува тој, додавајќи дека е особено загрижен за идниот економски развој.

Речиси за сите минувачи кои гласале против брегзит главен мотив им била загриженоста за британската економија. Така е и за Џенифер, која не го кажува целото име. „Загрижена сум за работните места и се сомневам дека сами ќе бидеме толку успешни“, вели таа. Потенцира и дека е многу разочарана од резултатот. „Посилни сме како тим, деновите на анционализам се минато.“

Карен Крофорд пак, е задоволна од резултатот. Таа гласала за брегзит. „Не сме во лоша ситуација, но мислам дека сами ќе ни биде подобро.“ Главен мотив за нејзе било доселувањето. Вели дека живее во кварт каде речиси и нема Британци. „На пат до работа понекогаш се прашувам во која земја живеам всушност? Човек веќе не се чувствува дома.“

Großbritannien EU-Referendum Brexit Wahlergebnis Sunderland
Разочарувањето кај про-ЕУ таборот е огромноФотографија: Reuters/R. Stothard

„Луѓето ќе бидат бесни“

Луѓето кои сега гласале за брегзит, наскоро ќе бидат бесни, уверен е Сем Греам. „Доселувањето нема да се намали. Договорите за слободен проток мора да ги потпишеме, сеедено дали сме членка на ЕУ или не.“ Греам, кој гласал за останување во ЕУ, потенцира: „Јас сум скептичен кон еврото, но мора да бидат прагматичен. Светот се промени и веќе не живееме во 1950-тите. Меѓутоа, некои веруваат дека е така.“

Вкупно земено, тој е многу загрижен. „Не знаеме што тоа значи за економијата, општеството, иднината на земјата, местото на Велика Британија во светот, едноставно за сѐ.“ Шкотска и Северна Ирска - двете пријателски настроени кон ЕУ - би можеле наскоро да се отцепат, стравува Сем Греам. „Акциите паѓаат, фунтата паѓа, а освен тоа - што значи ова за Европа? Можеби сме први од многуте.“