1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обилни дождови во централна Европа, суша на југ

26 јули 2017

Германија во јули: силно невреме, врнежи од дожд во еден ден колку просечно во еден месец, поплавени подруми - експертите за клима велат: така ќе биде и во иднина.

https://p.dw.com/p/2hAO5
Deutschland Südniedersachsen - Dauerregen
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

Вторпат во еден мецес, локалните власти во Берлин на викендот прогласија вонредна состојба. Интензивните врнежи од дожд предизвикаа поплави по улиците, на места сообраќајниците беа под вода и до еден метар. Пожарникарите не можеа да ги навасаат повиците за помош - според еден извештај во медиумите, во текот на едеипол час морале да интервенираат 185 пати. А во регионот на Боденското Езеро невремето беснеело со таква сила, што во прекин бил и железничкиот сообраќај, поради откорнати дрвја паднати на пругите.

Брз премин од жештини во период на интензивни врнежи од дожд

Според мислењето на климатолозите, ова се прилики на кои Германците ќе мора да се навикнат. Имено, ефектот на стаклена градина не предизвикува само топење на ледените брегови и покачување на нивото на морињата, туку има засилено влијание и врз централна Европа. „Ние уште многу одамна предвидовме брзи промени од сува жештина во обилни врнежи од дожд, од година во година сега тоа е повоочливо“, вели Моџиб Латиф, метеоролог и климатолог во ГЕОМАР, Хелмхолц-центарот за океанографија во Кил. „И во Германија просечната температура од 1880 година досега бележи зголемување за 1,4 степени, што не останува без последици,“ истакнува тој во разговор за Дојче веле. Преку затоплувањето на Земјата од еднастрана доаѓа до засилување на суптропскиот Азорски антициклон на северниот Атлантик, но во Европа продолжува и влијанието на циклоните.

„Со секој степен на покачување на температурата, можноста за интензивни врнежи од дожд се зголемува за седум проценти“, потенцира Латиф. Метеоролошките станици долго мереа количества од наврнат дожд во тек на повеќе денови и недели. Но, сега проблем се пократките, претерано обилни врнежи од дожд. „За подетални прогнози, сега ни недостигаат доволно податоци“, вели експертот, истакнувајќи - генерално, важи тоа дека потоплиот воздух може да апсорбира повеќе вода, па врнежите ќе бидат поинтензивни.

Deutschland Regen & Unwetter in Niedersachsen
Германија под вода Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

Арктикот се загрева побрзо од другите региони

Ова гледиште го дели и метеорологот Петер Хофман од Потсдамскиот институт за истражување на климата: „Арктикот, како последица на затоплувањето на климата, се загрева посилно од другите региони, што доведува до промени во односот меѓу циклоните и антициклоните, до струењата над централна Европа“, вели Хофман за Дојче веле. „Европа токму во моментов е под влијанието на бран на низок воздушен притисок, кој се задржува веќе неколку дена и предизвикува обилни врнежи од дожд.“ Хофман укажува и на друга меѓузависност: ако во централна Европа паѓа толку дожд колку во последново време, последица ќе биде есктремна суша во јужниот дел од континентот. 

Дождот ќе доведе до суша на југ

Властите во Рим се алармирани поради екстремниот недостиг на вода. Италијанската престолнина во моментов е погодена од високи температури и екстремна суша. Надлежните дури размислуваат околу временска редукција на снабдувањето со вода во приватните домаќинства, зашто нивото на езерото Брачано, главниот резервоар на вода за пиење, е намалено 160 сантиметри под нормалата. Ватикан поради недостиг од вода ги исклучи фонтаните на плоштадот Свети Петар и во градините. 

Климатолозите Латиф и Хофман истакнуваат дека и при најоптимална климатска политика, централна Европа засега мора да се помири со вакви временски сценариј: „'Копчето' не може толку лесно да се управува“, вели  Хофман, а Латиф дополнува: „Климата всушност претставува еден хаотичен систем, но ќе мора да се привикнеме на брзи наизменични промени од силни дождови во голема суша.“