1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обединети за Македонија „се прелеа“ во ВМРО-ДПМНЕ

ЖА/миа20 јули 2012

Партијата Обединети за Македонија од денеска згаснува, а членовите преминуваат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот мотив е да се поразат Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски и да не се дозволи да се вратат на власт.

https://p.dw.com/p/15cCb
Фотографија: Petar Stojanovski

Ова на денешната прес-конференција го соопшти Наталија Ивчева, поранешен генерален секретар на Обединети за Македонија, претседател на Статутарна комисија и член на Претседателството.

„Членовите на Обединети за Македонија, претставувани од органите на партијата, 95 отсто од општинските организации кои ја претставуваат силата на партијата, мнозинството од Претседателството, младинската организација и организацијата на жени, од неколку комисии на партијата, решивме партијата Обединети за Македнија да биде згасната, а членовите на партијата со органите на партијата да се претопат во ВМРО-ДПМНЕ. Во овие моменти за секој човек кој ја сака сопствената држава, најголем приоритет е да не дозволи на власт да се вратат Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски“, потенцира Ивчева.

На настанот присуствуваа членови на Обединети за Македонија, претседатели на општински организации, претставници од младинската организација и од организацијата на жени на оваа партија кои, како што рече, немаат политички амбиции и побараа спротивставување на коалицијата на Бранко, Љубчо и Тито. Според неа, од сите органи на Обединети за Македонија кои носат одлуки не можат да прифатат да бидат дел од колацијата што ја предводат тројцата.

Ова, како што рече, е самостојна одлука на сите одлучувачки органи, на членовите на општински организации, на младинската организација и на организацијата на жени, потврдени од сите поединечно со потписи и печати, со нивни изјави дадени без присилба.

Ljube Boskovski
Раскол во партијата на Љубе БошковскиФотографија: AP

Таа ги покажа документите на кои стојат потписите и печатите на 45 општински организации кои, како што рече, претставуваат огромно 95 процентно мнозинство од вкупниот број општински организации на Обединети за Македонија.

„Македонија се соочува со големи предизвици. Нашите членови, постапувајќи одговорно, се свесни дека во овој момент во Македонија мора да се одлучи и одбере меѓу два концепта, првиот на ВМРО-ДПМНЕ, а вториот предводен од Љубчо и Бранко. Членовите на Обединети за Македонија и граѓаните на оваа држава, кажуваат остро ’не’ на коалицијата на Љубчо и Бранко. Ние, сите заедно ќе бидеме на спротивната страна од Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски“, истакна Ивчева.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека сите присутни лица се членови на партијата, со функции и оти не се разрешени.

„Според Статутот на партијата кој се почитува, тоа треба да го изврши Централното Собрание, составено од претседателите на општински“, рече Ивчева.

Таа потенцира дека не ги поддржуваат Црвенковски и Георгиевски, бидејќи нивните идеи се за поделба на земјата и за промена на името.