1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама е загрижен за ситуацијата во Иран

20 јуни 2009

Американскиот претседател Барак Обама изрази загриженост за состојбата во Иран по говорот на ајатолахот Али Хамнеи. Американскиот конгрес усвои резолуција во која се осудува насилството против демонстрантите.

https://p.dw.com/p/IVCI
Барак Обама со воздржани изјавиФотографија: AP

По критиките за неговата воздржаност на оваа тема, Обама со изјава за американската телевизија:

„Многу сум загрижен поради содржината и тонот на одделни изјави. Иранското раководство мора да знае дека светот гледа во него.“

Кога вели одделни изјави, Обама мисли на ајатолахот Али Хамнеи и неговиот говор на петочната молитва во Техеран. Претседателот оцени дека начинот на кој се постапува против мирните демонстранти јасно му покажува на светот што е Иран, а што не е.

Сепак постои воздржаност

Изјавите на Обама се поостри од досега, но и натаму се далеку од острата критика на мнозинството европски држави. Од Белата куќа велат, неофицијално, дека Обама би излегол со построги тонови, ако иранското раководство преземе посилни мерки против протестите, како и што најави. Досега, се верува, прекумерната поддршка на демонстрантите би била контрапродуктивна, зашто тогаш власта би ги претставила како марионети на САД.

Dossier US-Kongresswahlen Bild1
Американскиот конгресФотографија: picture-alliance/dpa

Но, претпазливоста на Обама наиде на многу критики кај републиканците, како и во редовите на неговата партија, Демократската. Вчера попладнето двата дома на американскиот конгрес едногласно усвоија резолуција во која се осудува насилството против демонстрантите и прекршувањето на слободата на мислење и печат во Иран. Во Белата куќа тоа не сакаат да го гледаат како контра на претседателот, што значи дека резолуцијата го отсликува мислењето на Обама. Набљудувачите во Вашингтин сметаат дека станува збор за поделба на работата. Од една страна, Конгресот излегува со јасен став за настаните во Иран, од друга страна претседателот со своите воздржани изјави остава простор за преговори со иранското раководство за прашањата околу атомската програма и тероризмот.



Автор: Сабине Милер/ Жана Ацеска