Ноќ на пожари во „Џунглата“
26 октомври 2016Од понеделникот наваму француските власти го расчистуваат дивиот камп во непосредна близина на градот Кале. Само неколку часа откако властите започнаа со уривање на шаторите и привремените сместувалишта, во таканаречената „Џунгла на Кале“ избувнаа првите пожари.
Палење пожар е „традиција, посебно за некои заедници кои ги палат своите живеалишта кога ги напуштаат“, рекоа локалните власти и додадоа дека во состојба на готовност биле голем број пожарникари. Еден мигрант во илегалниот бегалски камп е полесно повреден и се наоѓа во болница, изјавија локалните власти на северот на Франција. Истото се случи во март кога беше отстранет јужниот дел на оваа голема населба.
Пожарите почнаа да се појавуваат од ноќеска, а нивниот бројот се зголеми помеѓу полноќ и три часот наутро, посебно во т.н. трговски зони на влезот во населбата, наведе полицијата. Експлодираа најмалку два канистри со гас. Сите пожари беа угаснати. Властите вчера започнаа со демонтирање на засолништата и стражарницата во населбата откако за два дена беа евакуирани над 4.000 луѓе, а нивната евакуација во околу 450 прифатни центри распоредени ширум Франција продолжува.
Во населбата се наоѓаа меѓу 6.000 и 8.000 мигранти кои планираа да го преминат Ламанш и да стигнат во Англија.