1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка молчи и тагува

25 јули 2011

На пладне цела Норвешка го запре здивот за една минута во знак на почит. Атентаторот Андерс Беринг Брејвик, денеска се појави пред истражниот судија во норвешкиот главен град зад затворени врати.

https://p.dw.com/p/122lL
Фотографија: dapd

Граѓаните на Норвешка на пладне ја прекинаа работата и со едноминутно молчење им одадоа почит на жртвите на масовното убиство од петокот. Вкупно петте милиони граѓшани на земјата точно на пладне ја прекинаа работата, застанаа возовите, а во главниот град Осло застанаа и автомобилите.

Пермиерот Штолтенберг ја предводеше комеморативната минута пред аулата на универзитетот во Осло. Таму беше отворена и книга на жалост, во која прво се потпишаа членовите на кралското семејство. На плоштадот пред универзитетот се собраа повеќе илјади граѓани, исто како и пред катедралата во Осло. Минута молчење во знак на почит за жртвите имаше и во соседните скандинавски земји.

Norwegen nach den Anschlägen in Oslo und Utøya Schweigeminute
Една минута молчење: (од лево) Кралот Харалд, Кралицата Соња, принцот Хаакон и премиерот Јенс ШтолтенбергФотографија: dapd

Изјава на сторителот

Андерс Беринг Брејвик сака да им каже на Норвешка и на светот зошто убил најмалку 93 луѓе во бомбашкиот напад и во масакрот на островот Утоја, при неговото денешно појавување пред судот, соопшти претходно неговиот адвокат. Нарекувајќи се себеси „крстоносец против исламскиот бран“ во манифестот на 1.500 страници објавен на интернет на денот на нападите, 32-годишниот масовен убиец сакал да добие можност да ги објасни своите дела, кои ги нарекува „ужасни, но неопходни“.

Адвокатот Геир Липештад вели дека неговиот клиент ги признал петочните убиства, но отфрлил било каква кривична одговорност. „Тој бил политички активен, но откако сфатил дека со политички средства не може ништо да постигне, се одлучил за насилство“, вели адвокатот.

Револт против мултикултурализмот

Најстрашниот масакр во мирнодопската историја на Норвешка, по се’ изгледа бил предизвикан од желбата на Бреивик „да ја спаси Европа“ од заканата од исламот, имиграцијата и мулти-културализмот. Фактот што самиот, мирно и се предаде на полицијата откако уби најмалку 86 луѓе на островот Утоја, ја потврдува неговата желба да обезбеди јавна платформа за неговите радикални идеи. Во други слични случаи на масовни убиства, напаѓачите најчесто извршуваат самоубиства или ја провоцираат полицијата да ги застрела, велат криминолози за агенцијата Ројтерс.

Doppelanschlag Oslo
Фотографија: dapd

Норвешката полиција утврди дека Брејвик дефинитивно делувал сам. Болнички извори кои ги негувале ранетите во нападот велат дека убиецот користел ткн. „дум дум“ куршуми кои се распрскуваат во телото. На полицијата и требаа повеќе од еден час за да стигне до островот на кој Брејвик го изведувал својот крвав пир. Бродот кој првично бил испратен на островот, за малку не потонал затоа што бил преоптоварен со полицајци и со опрема, па морал да се врати, а на негово место бил испратен хеликоптер. Кога пристигнала полицијата, Брејвик мирно го спуштил оружјето и се предал.

Сослушување зад затворени врати

Дилемата која ја подели норвешката јавност во пресрет на денешното сослушување на Брејвик е дали да му се дозволи на масовниот убиец да говори јавно или зад затворени врати. Истражниот судија донесе одлука сослушувањето да не биде јавно. Поголемиот дел од јавноста и инаку се спротивставуваше на можноста да му се дозволи на човек кој ја потресе нацијата да ги образложува своите идеи.

Doppelanschlag Oslo
Фотографија: picture alliance/dpa

Бреивик денеска нема да се изјаснува за вината, а се очекува властите да побараат осум неделен притвор во самица, без пристап за вести, писма и посетители, со исклучок на неговиот адвокат. Проценките се дека судењето би можело да започне за околу една година. Максималната затворска казна во Норвешка е 21 година, но таа може да се продолжи доживотно доколку се утврди опасност дека лицето може да го повтори делото.

Автор: Борис Георгиевски/ројтерс

Редактор: Горан Чутаноски