1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новополираниот имиџ на Џорџ Буш

Ханс Клис/Грета Хаман/Ж.А.27 декември 2015

До предизборите во изборната трка во САД има уште неколку недели. Но, во таборот на Републиканската партија веќе има јасен победник, неговото име не е ниту Доналд Трамп ни Марко Рубио, туку - Џорџ Буш.

https://p.dw.com/p/1HUAa
Фотографија: Getty Images/J. Raedle

Додека неговиот брат Џеб Буш трескавично се обидува да се дистанцира од фамилијарното име и во изборната кампања наместо презимето користи извичник, на овие избори многу нешта се вртат околу него: Џорџ Буш. Тоа што во фокусот на јавноста повторно стигнува неговиот постар брат, не се должи само на бледата кампања на Џеб Буш. По нападите во Париз и Сан Бернардино, „војната против теророт“ и човекот кој го востоличи овој поим повторно се вратија во главите на некои американски гласачи.

Меѓу другото, и во главите на некои Републиканци: „Доста ми е од удирање против Буш. Мене ми недостига Џорџ Буш! Би сакал тој да е претседател!“, изјави Линдси Греам на една дебата на републиканските кандидати на средината на декември. Сенаторот од Јужна Каролина, познат по својот тврд надворешнополитички курс, отиде уште малку подалеку: Џорџ Буш во актуелната борба против Исламска држава би бил подобар командант од Барак Обама. Набрзо потоа сенаторот се откажа од кандидатурата, сега во трка за претседателски кандидат се уште 12 мажи и една жена.

Буш станува се‘ поомилен

Се чини дека дури и не-Републиканците го делат ова мислење. Една анкета летоска покажа дека, првпат по една деценција, бројот на Американците кои го симпатизираат Џорџ Буш е поголем од оние кои се против него. 52 проценти од сите возрасни имаат позитивен впечаток за Буш.

Во 2009 година, кога заврши неговиот мандат, работите изгледаа сосем поинаку. Него го поддржуваше само една третина од Американците. Буш ја напушти функцијата во ситуација на економски дефицит, развлечени војни и дестабилизиран Блиски Исток. Тогаш Републиканците беа единствените кои позитивно гледаа на неговото претседателствување, и тоа само половината од нив.

George H.W. Bush, George W. Bush und Jeb Bush
Џорџ Х.В. Буш и неговите синови Џорџ и Џеб Буш во 2006 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Cavanaugh

Примерен државник?

За попомирливиот поглед врз минатото кај американската јавност веројатно придонесува и актуелната слика на кандидатите на Републиканците. Неодамна Вили Ферел во неговата ТВ- емисија „Саботна вечер во живо“ глумеше како да е Џорџ Буш кој ја најавува својата претседателска кандидатура. „Таборот на Републиканците е доведен во толкаво безредие, што помислив дека ви недостигам, не е ли така?“

По терористичките напади од 9 септември 2001 година, Џорџ Буш ги уверуваше муслиманите во САД дека земјата не е во војна ниту со нив, ни со исламот како религија. Кандидатите како Доналд Трамп и Бен Карсон со својата антиисламска реторика предизвикуваат пак расцеп во земјата. „Спореден со Доналд Трамп, Џорџ Буш изгледа како примерен државник“, напиша Франсис Фукујама на почетокот на месецов во американскиот магазин „Тајмс“.

Се чини како актуелните настани да ја пишуваат историјата наново, а со тоа е преоценето и претседателствувањето на Џорџ Буш. „Иако ставот кон него претрпе блага промена, јавноста не гледа во времето на неговиот мандат некоја златна ера“, вели Џорџ К. Едвард, професор по политички науки на универзитетот A&M во Тексас и автор на бројни книги во врска со претседателствувањето на Буш. Според Едвардс, Буш е уште многу далеку од својата комплетна рехабилитација. „Има малку нешто ново според што би можел да биде поинаку вреднуван.“

George W. Bush World Trade Center New York Feuerwehrmänner
Помирливи тонови по нападите во ЊујоркФотографија: picture-alliance/AFP/ Richards

„Леден предизвик“

„Со текот на времето, луѓето забораваат зошто не го сакале својот претседател“, вели Ричард Нортон Смит, историчар и автор чија специјалност се американските претседатели. Ангажманот на неговата сопруга, која преку Центарот Буш во Далас се залага за женските права и за реформа на образованието, неговите успешни мемоари и неговата книга за неговиот татко малку ги ублажија острите рабови на политиката на Џорџ Буш, смета Смит.

Крајот на едно поларизирачко претседателствување историчарот го споредува со враќањето на вселенски брод: „Тој страшно се вжештува при повторното влегување во атмосферата, но кога ќе го заврши патувањето, се изладува.“ Во случајот со Џорџ Буш, можеби кофата со мраз која летото 2014 година си ја полеа врз главата во рамките на акцијата „Леден предизвик“ помогна за натамошно оладување на таа вжештеност.