Новиот пријател на Грција - Обама во Атина
15 ноември 2016Токму еден американски претседател во Грција е пречекан со отворени раце. За владејачката левичарска партија ова претставува историско кршење на едно табу. За потсетување: во 1999 година, по интервенцијата на НАТО во Косово, посетата на тогашниот американски претседател Бил Клинтон мораше во последна минута да биде скратена на помалку од еден ден, од безбедносни причини. Високиот гостин од страна на левичарските политичари беше нарекуван „касапот од Балкан“, а неговата блиц-посета падна во сенка на протести и жестоки судири со полицијата. Левоориентираните уметници по овој повод инсценираа еден вид квази-судски процес пред грчкиот парламент, барајќи доживотна казна затвор за Бил Клинтон. Неколку месеци претходно левичарски активисти со експлозија разнесоа статуа на поранешниот американски претседател Хари Труман во центарот на Атина, во знак на протест против американската надворешна политика. Патем, тоа не беше првпат.
Комунистите застапени во грчкиот парламент, како и различни анархистички групи, планираат и Барак Обама да го дочекаат со протести. Но, од владејачката левичарска партија се слушаат поинакви тонови: „Посетата на Обама е доказ за засилената улога на Грција во светот за време на нашето владеење“, истакнува министерот за информации Никос Папас за неделниот весник „Риал њус“. Во секој случај, црвениот тепих за американскиот претседател е натамошна потврда за пресвртот кај поранешната радикална левичарска партија кон реализам, вели Јоргос Цогопулос, соработник на атинскиот тинк-тенк ЕЛИАМЕП. Крајно, Грција и САД под водство на Обама имаа слични економско-политички цели, истакнува овој аналитичар во разговорот со Дојче веле: „Исто како и владата во Атина, и Обама пледира за повисоки државни издатоци и за повеликодушна развојна политика“.
Надеж во Обама, страв од Трамп
Според информациите на државната телевизија ЕРТ, Атина од претседателот Барак Обама очекува јасен став во поглед на грчкиот спор со ММФ и европските кредитори околу олеснувања за враќање на долговите. Самиот Обама во интервју за весникот „Катимерини“ изјави дека би сакал да ги охрабри кредиторите на „развојно поттикнувачки чекори, вклучувајќи и супстанцијално олеснување во отплатата на долговите“, со што тој истовремено потсетува на фактот - САД самите не спаѓаат меѓу грчките кредитори. Токму поради тоа, грчките надежи се нереални, смета Цогопулос. Ангелос Суригос, професор по политички науки во Атина, пак зборува за „чисто симболичка посета“. Тоа што американскиот претседател на заминување, својот последен значаен говор ќе го држи со историската кулиса од Акропол зад себе, е гест за почит. Но, во суштина Обама не може многу да постигне, предупредува Суригос. „Дури и ако тој се заложи за олеснувања во враќањето на долговите, Обама значи минато, а неговиот наследник Доналд Трамп претставува голема загатка.“
Двосмислени изјави
Изборниот успех на републиканскиот кандидат Доналд Трамп во Грција предизвикува главоболки. Неговите досегашни изјави поврани со грчката должничка криза се чинат двосмислени. „Германија треба да го регулира должничкото прашање, за неа тоа е една ситница. Ако Германија не сака, тогаш на потег е Путин“, рече Трамп во јули 2015 година во интервју за ТВ Фокс. Сургос предупредува на претпазливост. „Можно е Трамп да врши притисок за ММФ да излезе од програмата за спас на грчката економија. Но, секое предвидување е неблагодарно, мораме да сочекаме поконкретни ставови од Трамп.“
Прв грчки политичар кој му честиташе на Трамп по изборите беше министерот за одбрана Каменос. Десничарскиот популист преку Твитер му напиша на Трамп: „Честитки до новиот претседател. Значајна за Грција сега ќе биде улогата на Јоргос Пападопулос.“
Јоргос кој? Правникот со грчки корени кој дипломирал во Лондон се смета за еден од најважните соработници на Трамп со надворешнополитички ангажман. Тој подолго време инсистира за стратешка алијанса меѓу Грција, Кипар и Израел и очигледно сака да се препорача за повисока функција. Меѓутоа, тој го завршил универзитетот дури во 2009 година и важи за сѐ уште прилично неискусен. „Не можам да си претставам Пападопулос уште отсега да преземе одговорност“, вели политикологот Суригос.
Со или без Пападопулос, Грција и САДво последните години тесно соработуваат на безбедносно-политички план и тоа приближување може да се очекува да продолжи и во мандатот на Трамп. „Без оглед на своите економски проблеми, Грција спаѓа во петте НАТО-членки кои издвојуваат два процента од својот БДП за одбрана“, истакна Обама во интервјуто за „Катимерини“. Оваа велокодушност веројатно ќе му се допадне и на Трамп. Политикологот Суригос: „Моментно САД издвојуваат премногу, а Европејците премалку пари за НАТО. Трамп планира нови преговори на оваа тема.“