1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите во Европа мора да се заштитат

6 октомври 2011

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг организираше средба во Стразбур на која се говореше за потребата за заштита на новинарите во Европа.

https://p.dw.com/p/12mnv
Комесарот за човекови права на Советот на Европа , Томас ХамарбергФотографија: AP

Во изминативе неколку години Европа загуби повеќе големи новинари специјализирани во водење на истраги, сите жртви на дрски убиства: Хрант Динк во Турција, Георги Гонгадзе во Украина и Елмар Хусеинов во Азербејџан. На 7 октомври ќе се навршат пет години од убиството на Ана Политковскаја во Русија.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), има забележано дека од 2007 до денес во Европа се убиени околу 30 новинари и уште многу други биле нападнати или изложени на закани. Нападите и заканите кои се насочени кон новинарите можат да имаат разорувачки последици со цел да ги сведат на молчење. Заканата со насилство стана вистинска форма на цензура.

Потребен е сериозен пристап

Anna Politkovskaya
Руската новинарка Ана Политковскаја беше убиена на 7 октомври 2004 годинаФотографија: AP

Тоа е исто така случај со рестриктивните закони и другите методи на контрола на медиумите, смета комесарот за човекови права на СЕ Томас Хамарберг кој во спомен на Политковскаја ја организираше средбата во Стразбур:

„Темата на денешната дискусија е следнава: Ние сметаме дека треба серизоно да пристапиме кон прашањето за безбедноста на новинарите. со цел тие слободно да можат да си ја вршат нивната работа и да ја откријат реалноста која може да биде непријатна за тие кои се на власт. Слободни, независни и плуралистички медиуми, кои можат слободно да информираат и да се изразуваат се неопходни за доброто функционирање на демократијата. Слободата на медиумите е исто така значајна за заштитата на сите други човекови права. Новинарите немаат за определба да им се допаѓаат на моќните, ниту да бидат портпаролои на владите. Нивната главна цел е да бидат критички обсерватори на јавниот живот“,  вели комесарот за човекови права.

Ситуацијата во Европа не е баш најдобра

Од своја страна Дуња Мијатовиќ претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ за ситуација на новинарите и медиумите во Европа ја дава следната оценка:

„Ситуацијата не е баш најдобра. Како што знаеме во овие моменти се случуваат нешта кои не би требало да бидат премиер за било кое општество кое оди на патот за подобрување и почитување на човековите права и кон едно општество кое би требало да биде многу послободно.

Новинарите се нападнати, се затвораат радио и телевизиски станици без почитување на процедурите кои се пропишани со законите. Постои проблемот со самоцензурата и несолидарноста меѓу новинарите. Постојат многу нешта кои влијкаат врз известувањето кое може да се нарече професионално.

Dunja Mijatovic OSCE
Дуња Мијатовиќ, ополномоштеник за медиуми во ОБСЕФотографија: OSCE

Мислам дека е важно да се нагласи дека во земјите во транзиција треба да се декриминализира клеветата, за да се дојде до една ситуација во која новинарите ќе бидат многу послободни и да пишуваат без да размислуваат, дека другиот ден ќе завршат в затвор поради она што го напишале.

Мислам дека и Советот на Европа и ОБСЕ и многуте други организации ќе го сватат ова како еден сигнал дека треба повеќе да се посветат на слободата на печатот и медиумите во цела Европа.“

Претставникот на ОБСЕ наскоро во посета на Македонија

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, минатово лето повеќе пати реагираше со вознемиреност поради големиот пад на слободата на медиумите и и критичката мисла во Македонија. Ова откако претходно ја понуди својата помош, земјата да стави крај на вознемирувачкиот тренд и да ги исполни заложбите на ОБСЕ и меѓународните стандарди за слободата на медиумите.

Таа не сакаше пред микрофонот на Дојче Веле да ги коментира овие настани, со оглед дека набргу во однос на сите овие прашања ќе треба да ја посети Македонија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски