1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состав на владата: Преценети кадри или потценети реформи?

28 мај 2017

Најмногу реакции околу составот на Владата предизвикаа предлозите на ДУИ - бивши градоначалници и министри, без учинок за пофалба. Алијансата за Албанците одлуките ги носи вечерва, а „Беса“ веќе реши - оди во опозиција.

https://p.dw.com/p/2didq
Zoran Zaev
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Финализирани се предлог-составот и програмата на новата коалициска влада на СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците. Идната влада ќе остане со поддршка од 62 пратеника, откако Движењето „Беса“ одлучи да не учествува во владата, но најави дека ќе ги поддржи реформските чекори коишто ќе бидат од заеднички интерес за сите граѓани.   
Централниот одбор на СДСМ на вечерашната седница ги поддржа предложените кандидати за новата реформска влада. Во тимот на социјалдемократите нема големи изненадувања, бидејќи се потврдија досегашните шпекулации со спомнуваните кадровски адути: Радмила Шеќеринска е предложена за министерка за одбрана, Никола Димитров за надворешни работи, Оливер Спасовски за внатрешни работи, Драган Тевдовски за финансии, Рената Тренеска -Дескоска за образование, Љупчо Николовски за земјоделство, Мила Царовска за труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски за култура, Дамјан Манчевски за информатичко општество и администрација, Горан Сугарески за транспорт и врски. Министри без ресор се Кочо Аѓушев, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зорица Апостоловска и Зоран Шапуриќ. При поделбата на колачот ресорите здравство и локална самоуправа се „чуваат“ за Алијансата за Албанците, која вечерва треба да потврди дали ќе учествува во владата и да ги утврди кадровските предлози за тие ресори.   

Реакции за кадрите на ДУИ
ДУИ нејзините кадровски адути ги соопшти уште синоќа и предизвика бројни реакции во јавноста, со забелешка дека ниту понудила нови, ниту кадри со реформски капцитет. Меѓу предложените кадри на ДУИ има тројца поранешни градоначалници и двајца поранешни министри. Но, претседателот на партијата смета дека е направен вистинскиот избор со предлогот вицепремиер за политички да биде Хазби Лика, вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи, за животна средина Садула Дураку, за економија Крешник Бектеши, министер без ресор Рамиз Мерко и министер за правда, Булент Салиху. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека „Владата ќе има тежок мандат од четири години, но со добар крај“. Тој смета дека предложените имиња се соодветни за реализирање на ветените реформи, особено реформите во секторот правда.
„Сигурно дека за јавноста и медиумите не е познат, но Булент Салиху пет години е директор на Инспекторатот за шумарство, така што многу има врска со законски прашања, законот, Уставот и така натаму“, рече Ахмети.
Ваквата аргументација наиде на многу критики на социјалните мрежи, исто како и најавите дека Ахмети, наводно, ги чувал искусните кадри за локалните избори. Претседателот на Движењето, Биљал Касами, рече дека не донеле одлука дали ќе гласаат за новиот владин состав, но шансите се мали.
„ Како што тргнале со вакви предлози од ДУИ, а не знам какви ќе бидат другите - тешко!“, рече тој. 

Заев за ДВ: Кадровските решенија до петок, новата влада наредната недела

„Беса“ - конструктивна опозиција
Предлог-составот на владата се комплетира вечерва, откако попладнето социјалдемократите соопштија дека не постигнале договор со „Беса“.
„Оставаме отворени врати за соработка околу поддршка на реформите што престојат во Република Македонија, како и за се друго од заеднички интерес за сите граѓани на нашата земја“, соопшти СДСМ. 
Од „Беса“ ја информираа јавноста дека таа нема да биде дел од новата влада, „бидејќи мандаторот на идната влада не бил подготвен да ги прифати принципите за заедничко владеење и да потпише заеднички договор“. Дел од принципите за кои се залагало Движењето не биле прифатливи за СДСМ, особено барањето за „редефинирање на државата“, иако јавноста и не беше детално информирана што подразбира „Беса“ под тоа.
„Редефинирање, подразбира на сите закони и други нормативни акти, за кои не се потребни 2/3 мнозинство во Собранието, а да се покаже подготвеност за јавна дебата и за прашања кои се опфатени со редефинирање, а се однесуваат на редеферинирање на уставно-правниот систем“, вели за ДВ портпаролот на „Беса“, Фатон Фазлиу.  
Според него, ако СДСМ го има „Планот за живот“, а ДУИ - Рамковниот договор, очекувано е и „Беса“ да се залага нејзините клучни принципи да станат основа за соработка во владата, но, тие не биле прифатени. 
„Како и да е, 'Беса' ќе продолжи да биде конструктивен политички фактор во Македонија, останувајќи заштитник на албанските, но и на севкупните граѓански интереси во државата. Притоа ја информираме јавноста дека без оглед на тоа што 'Беса' останува опозициска партија, таа ќе ја поддржи секоја иницијатива што ќе биде во полза на Албанците и државата, а во насока на имплементација на потребните реформи и нашите врати ќе бидат секогаш отворени за секој кој тежнее кон тие принципи“, рече Касами.
Ахмети и Заев на денешната попладневна средба се договориле програмата и предлог-составот за новата влада во најбрз рок да се достават до Собранието, а утре да се иницираат и промени во Изборниот Законик. 

Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski