Нова опасност за демократијата во Тунис
17 јануари 2011Во Тунис се водат првите контроверзни дискусии за идната улога на исламистичките сили во земјата. Во немирите, исто како и другите опозициони групи, тие немаа голема улога. Но, водачот на партијата на исламистите Енада, Рашид Гануши во саботата (15.01) веќе рече дека наскоро ќе се врати во Тунис, по азилот во Лондон.
Исламистите се дел од политичката иднина на Тунис
Според официјалните информации од преодната туниска влада, во политичката иднина на земјата ќе бидат вклучени сите партии и движења, меѓу кои и исламистите. Политичките набљудувачи сметаат дека исламистите имаат најголема поддршка од сиромашното население.
Затоа можно е да дојде до конфликт помеѓу конзервативните и либералните сили во рамките на дижењето против екс-претседателот Бен Али. Многу жени стравуваат дека ќе имаат помали права, вели Тунижанката Софија Хамами:
„Како жена стравувам дека она што е постигнато за правата на жените во изминатите 50 години, сега е можеби загрозено.“
Правата на жените во Тунис важат за најлибералните во арапскиот свет.
Новинарот Тауфик Ајаши, приврзаник на левичарската Социјалистичка партија за обнова Етајдид, претпоставува дека целта на некои исламисти е воспоставување на религиозна држава:
„Во партијата на исламистите Енада навистина има едно крило, кое се залага за замена на сегашниот Устав. Тие не ја признаваат сегашната преодна влада и државните органи, и можеби ќе побараат друго државно уредување, спротивно на паринципите на една република.“
Водачот на исламистите Рашид Гануши ги отфрла таквите сомневања. Во интервју за арапската телевизија Ал Џезира, тој изјави дека неговата партија се залага за демократија и почитување на човековите права, врз основа на исламските убедувања.
Религиозните партии засега немаат пристап до владата
Но, учеството на исламистите во владата засега е невозможно поради актуелниот Устав, според кој религиозните партии немаат пристап до владата. Рашид Кашана, туниски експерт за партиите, смета дека е можно наскоро да се промени тој дел од уставот. Тој вели дека партијата на исламистите Енада засега неформално ќе учествува во разговорите за иднината на земјата. Мнозинството од приврзаниците на Енада не се политички радикални, проценува Кашана:
„Партијата Енада во изминатите пет години веќе преговараше со лаицистичките сили. Притоа беше изработена политичка програма, слична на турската.“
Во Тунис е забележително враќањето кон религиозните вредности. Од овој тренд може да профитираат исламистите, но од неодамнешните случувања мора да извлечат и поука, смета Кашана. Стремежот на Тунижаните кон слобода, демократија и плурализам, смета тој, по падот на претседателот Бен Али веќе не може да го игнорира никоја политичка сила.
Автор: Ајари Шамзеласил / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Симе Недевски