1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова кривична дефиниција на силување: не значи не!

Наоми Конрад / З. Јордановски7 јули 2016

Досега, според германското право, за кривично дело силување може да стане збор само ако жената се бранела против силувачот. Сега тоа ќе се промени. Конечно, велат многумина.

https://p.dw.com/p/1JL4k
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Mehlis

Кристина Клем постојано како адвокат застапува жени, кои биле изложени на непријатности од сексуална природа – мажи им пикале рака под маичка за да ги фатат за градите, ги зграпчиле за задникот, или пак им се прилепиле за да се тријат од нив во трамвај или автобус. Или, како во еден пример, девојка по забава останала кај пријател на спиење, оти ѝ избегал последниот трамвај, а тој потоа навалил врз неа и „ѝ го пикнал прстот во вагина“ иако таа повеќепати протестирала. Но, Клем, адвокат, специјализирана за кривично право, знае дека жените немаат никакви шанси, оти, како во опишаниот случај, судот утврдил дека не давале отпор.

Сексуалното самоопределување недоволно правно заштитено

Во Германија досега, за силување, правно погледнато, стануваше збор само ако жртвата се бранела, а сторителот применил сила или се заканувал со тоа. Ако жртвата го молела да престане или плачела, според досегашниот закон, не беше доволно за сторителот да биде осуден. Фаќање за гради или за задник против волјата на жената беше целосно неказниво. Поборнички за човекови права и адвокатки постојано нагласуваат дека во Германија сопственоста е подобро правно заштитена отколку сексуалното самоопределување.

Тие одамна се борат за реформа на кривичното право за сексуални деликти и аргументираат дека жртвите не се бранеле поради шок, оти се плашеле дека сторителот ќе примени сила или дека бранејќи се уште повеќе ќе ја влошат ситуацијата. Законската регулатива беше „средновековна“, смета Кристина Лунц, активистка во интернет, која е меѓу иницијаторите на кампањата „Не значи Не“.

Таа има пријателки кои биле силувани, но не поднесле пријава сметајќи дека тоа е бесмислено поради прашањето: „Зошто не си се бранела?“ Тоа ја фрустрира Лунц - Германија одамна ја потпиша, но уште не ја ратификува Истанбулската конвенција, според која сите контакти кои не се со заемна согласност мора да бидат казниви, принцип кој често се опишува како „Не значи Не“.

Kristina Lunz, Internetaktivistin
Кристина Лунц, активистка која е меѓу иницијаторите на кампањата „Не значи Не“Фотографија: privat

Новогодишните настани во Келн како пресвртница

Министерството за правда минатата година изработи прв нацрт-закон, но тој на многумина пратеници им бил „трн в око“, вели Ева Хегл, заменик-претседател на пратеничката група на социјалдемократите. Но, отпорот се стопи речиси буквално преку ноќ по настаните во новогодишната ноќ во Келн, кога групи мажи од северноафриканскиот регион извршија сексуални напади и ограбувања на околу илјада жени. Тоа предизвика вжештена дебата за религијата, потеклото и расизмот во Германија, која пред широката јавност го отвори и проблемот со сексуалните кривични дела.

Одеднаш работите брзо се придвижија: во март беше поднесен нацрт-законот во владата, уследија натамошни дискусии и владината коалиција постигна согласност за текстот на законот кој денеска беше усвоен во Бундестагот. По летната пауза за него треба да се изјасни и Бундесратот.

Hauptbahnhof Köln Sylvester Ausschreitungen Menschenmassen
Неделава почнува судски процес против двајца осомничени за новогодишните напади врз жени во КелнФотографија: Getty Images/AFP/M. Böhm

„Промена на парадигмата“

Законот, според Ева Хегл, е пресвртен момент во Германија, земјата во која до 90-те години на минатиот век силување во брак не беше казниво дејствие. Со новиот закон, за сексуален акт спротивно на „јасно изразената волја“ на жртвата, е предвидена казна до пет години затвор, односно вербалното Не мора и да значи Не. Како последица на келнската ноќ, и сексуални напади како фаќање за гради, задник, допирање на гениталии, извршени во група се утврдени како казниво дејствие.

Овие промени се изречно поздравени од здружението на жртвите „Бел прстен“ и Здружението на германските правнички, кои се заложија за реформата. Дагмар Фројденберг, која порано беше државен обвинител во областа на сексуализирано насилство, а сега е референт за заштита на жртвите, зборува за „промена на парадигмата“ во сексуалното кривично право. Сега само околу шест проценти од сексуалните деликти се пријавуваат. Тоа веројатно нема бргу да се промени, сметаат активистките, оти жртвите честопати се срамат да го обелоденат она што им се случило или не сакаат за време на процесот повторно да ја доживуваат траумата. Покрај тоа, сексуални кривични дела, кои најчесто се случуваат без сведоци, тешко се докажуваат. Адвокатката Клем, иако изречно ги поздравува промените со кои нејзините клиентки во иднина ќе имаат повеќе шанси да го добијат процесот, смета дека законот оди предалеку и казна од две години затвор за силување без примена на сила е превисока.