1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова иранска влада за нов почеток

Ј. Ерфаниан / Х.Кермани / Е.М.Фиданоска16 август 2013

Иранскиот конзервативен парламент даде согласност за речиси сите предложени министри во владата на новиот претседател Хасан Рохани. Новиот тим треба да обезбеди нов почеток на Иран, внатрешно и кон светот.

https://p.dw.com/p/19R4R
Фотографија: Behrouz Mehri/AFP/Getty Images

За да може политички да дејствува, Хасан Рохани (на насловната фотографија) мора да прави компромиси со конзервативните елити во земјата и тој тоа и го стори со предлогот за својот 18-член тим, во кој има реформатори, умерени политичари, независни и конзервативци. Сепак, наследникот на Ахмадинеџад уште пред гласањето во парламент мораше да се соочи со критики на сметка на неговиот тим. Либералите во Иран го критикуваат Рохани што на конзервативците им го отстапил едно од клучните министерства - Министерството за внатрешни работи.

„Номинацијата на Абдулреза Рахмани-Фазли за министер за внатрешни работи беше дел од компромисот со најважната конзервативна пратеничка група во Парламентот“, оценува техеранскиот политиколог Садег Зибакалам за Дојче веле. „Со номинацијата на Рахмани-Фазли тој си ги обезбеди гласовите на оние сили кои се закануваа дека ќе ги одбијат реформски ориентираните кандидати, а на конзервативците истовремено им сигнализираше дека не сака да оди на курс на конфронтација со нив.“

Тројца кандидати - одбиени

Сепак, ваквата сметка на Рохани не се оствари во целост. Парламентот на Иран не даде зелено светло за тројца кандидати за министри. На одбиените кандидати во жешката дебата им беше префрлено дека во минатото им биле преблиски на опозиционите политичари Мир Хусеин Мусави и Мехди Каруби. Наспроти тоа, идниот министер за нафта Бијан Занганех ги доби неопходните парламентарни гласови, иако му се префрлаат блиски контакти со реформски ориентираната опозиција. Занганех извршуваше различни министерски функции во периодот од 1983 до 2005 година.

Рохани најави подготвеност за компромис и дијалог и со Западот. Лицето на оваа политика е новиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Сариф. Тој беше заменик министер за надворешни работи во времето на екс-претседателите Рафсанџани и Катами, а од 2002 до 2007 година беше амбасадор во ОН. Сариф, кој се образувал на американските универзитети, мора да му се посвети пред се‘ на тешкото нормализирање на односите со САД.

Iran Rohani Kabinett
Парламентот даде согласност за 15 од 18-те предложени министриФотографија: AFP/Getty Images

Се бара нова економска политика

За поинаква политика во сферата на економијата би требало да се залага новиот министер Али Тајебниа, кој во Иран е познат како економски експерт. „Негова задача ќе биде преку разумни мерки да и‘ даде поттик на економијата, која во последните осум години претрпе штети“, вели политикологот Зибакалам.

И Рохани лично нагласи дека подобрување на економската состојба во земјата е негов највисок приоритет. „Ако Рохани не покаже дека ја има состојбата под контрола, многу бргу може да се најде под притисок“, оценува Скот Лукас, експерт за Иран на британскиот Универзитет Бирмингем и уредник во порталот за Блиски Исток „EA Worldview“.

Односот кон Мусави и Каруби како тест

Дали претседателството на Роххани ќе донесе и поголеми политички слбооди, не се знае. „Многу работи зависат од ослободувањето на опозиционите лидери Мусави и Каруби“, оценува Скот Лукас за ДВ. Духовниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, побара од двајцата реформски политичари да се извинат за да бидат ослободени. Мусави и Каруби во 2009 година ја ставија победата на Ахмадинеџад под знак прашалник и ги предводеа масовните протести што потоа следуваа.