1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова даночна афера ја потресува Германија

30 јануари 2010

Германските граѓани со банкарско конто во Швајцарија, на кое има затаен данок, нема да можат да спијат мирно наредниве денови. Причина е информацијата дека анонимен информант понудил податоци за пари во швајцарски банки.

https://p.dw.com/p/Lnhc
Ќе ги грабне ли престапниците? Министерот за финансии, Волфганг ШојблеФотографија: AP

Според информациите на „Франкфуртер алгемајне“ и на „Зидојче цајтунг“ анонимниот информант понудил ЦД со податоците на околу 1.500 вложувачи од Германија. За информациите тој бара 2,5 милиони евра. Информантот и’ доставил и тест материјал на германската даночна полиција, која по проверката на пет случаи открила дека станува збор за прикриен данок во висина од по половина милион евра. Според проценките на германските власти, доколку информациите се точни, тоа би му донело на германскиот буџет околу 100 милиони евра, но во оптек се и поголеми суми.

Шојбле уште нерешителен

Во меѓувреме владини извори во Берлин ги потврдија информациите на двата дневни весника дека таква понуда навистина постои. Но, според германската новинска агенција ДПА, министерот за финансии Волфганг Шојбле уште не донел конечна одлука дали да го прифати ЦД-то со податоците. Во тек е наводно натамошна проверка на доверливоста на информациите, како и на правната подлога за користење на податоците од страна на државните органи. Во Министерството во Берлин и понатаму никој не сака да даде изјава во врска со јавувањето на медиумите.

Urteilsverkündung Klaus Zumwinkel
Кој ќе се фати во новата мрежа? Шефот на Поштата Клаус Цумвинкел во судницата во БохумФотографија: AP

По Лихтенштај следи Швајцарија

Случајот потсетува на аферата Лихтенштајн од пролетта 2008 година, кога германската разузнавачка служба БНД доби слична понуда со подаотци за даночни затајувања. Тогаш на информантот му беа исплатени пет милиони евра за податоците, што биле украдени од една банка во Лихнтештајн. Најславна жртва на аферата беше тогашниот шеф на Германските пошти, Клаус Цумвинкел, кој поради тајните конта мораше да се повлече од сите функции. Јавното обвинителство во Бохум се’ уште има отворени истражни постапки за околу 400 случаи од аферата Лихтенштајн. Новиот понудувач со податоците од швајцарските банки, пак, му се обратил наводно на обвинителството во градот Вупертал.

Автор: Г.Ч./ДПА/АП

Редактор: Горан Чутаноски