1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДВ покренува англиски ТВ-канал

ДВ промоција21 јуни 2015

Информации од прва рака, истражувачко новинарство, ново студио- така Дојче Веле има намера да привлече повеќе гледачи. А тука е и новиот слоган за почетокот на ТВ каналот на англиски јазик: Made for minds.

https://p.dw.com/p/1FkMp
Фотографија: DW

Во понеделник на 22. јуни Дојче веле ќе направи чекор напред- на тој ден започнува со емитување 24-часовниот ТВ-канал на англиски јазик. „ Дојче веле е познат и ценет по своето балансирано и сериозно новинарство. Сакаме тоа уште повеќе да го продлабочиме. Веруваме дека постoи многу големo интересирање за Германија. Со нашата нова понуда, ќе можеме уште повеќе да ја задоволиме побарувачката на информации од Германија“, вели генералниот директор на ДВ Пeтер Лимбург.

Peter Limbourg
Генералниот директор на ДВ Пeтер ЛимбургФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Гледачите ќе бидат изненадени“

Новата 24-часовна програма на англиски јазик значително ќе ги прошири информативните содржини, а поставени се и нови приоритети: „Сакаме да бидеме уште порелевантни во регионите Африка и Азија“, вели Карстен фон Намен, уредник на информативната програма на ДВ.

Дојче веле ја прошири и својата мрежа на дописници. Покрај веќе постоечките студија во Москва, Брисел и Вашингтон, ќе се известува и од Банкок, Лагос и Каиро.

„Европа и Северна Америка и понатаму играат важна улога“, вели фон Намен и нагласува дека при подготвувањето на реформите во телевизијата најважна била храброста да се преземе ризик: „Сакаме уште повеќе да ја изненадуваме нашата публика, сакаме да кажат: Уау, тоа не го знаев, се исплатеше да се гледа ДВ.“ Тоа пред се’ би требало да се постигне со помош на новоформираните редакции за социјалните мрежи, како и мрежата на дописници. „Ние заостануваме во однос на нашата конкуренција токму кога станува збор за социјалните мрежи“, објаснува фон Намен. Тоа сега би требало да се промени. „Сакаме значително пред другите да започнуваме нови теми и така да собереме поени кај нашите гледачи.“ Новинарите и уредниците во ДВ затоа во живо ќе следат и известуваат за трендовите на социјалните мрежи ширум светот.

von Nahmen Carsten Kommentarbild App
Карстен фон Намен, уредник на информативната програма на ДВ

Вести на 12 метри голем видео-ѕид

И ТВ-студиото ќе има нов сјај. Уредникот Вејд Адамс, заедно со шестмина негови колеги, уште од февруари работи на развој на каналот на англиски јазик, а во последните два месеца се концентрираше на новото студио за вести во Берлин. Имено, доминира видео-ѕидот тежок над 1 тон, долг 12 и виок 2 метра. „Тоа ќе ја направи нашата програма уште поинтересна и поинформативна“, вели Адамс.

Гледачите на видео-ѕидот ќе можат да видат фотографии, видо-записи и анимирани графики. Уредникот Вејд Адамс се радува на почетокот на новата програма, но време за големо прослава нема. „Од тој момент почнува вистинската работа, тогаш ќе се емитуваме 24 часа дневно“, вели Адамс.

Neue Studio des englischen Kanals der DW EINSCHRÄNKUNG BEACHTEN
Фотографија: DW

„Комплимент за гледачите и читателите“

Дојче веле има нов слоган „Made for Minds“, кој ќе биде претставен на телевизија, интернет-страниците и на новата апликација. „Со тоа сакаме на нашите читатели да им порачаме дека тие се сосема посебни луѓе“, вели генералниот директор Лимбург. „Тоа е комплимент за нашата публика, но тоа исто така многу зборува и за нас и нашите содржини“.

Made for Minds

ДВ и по 22. јуни ќе продолжи да емитува телевизиски програми на 4 јазика. Покрај новиот англиски канал, тука се и каналите на германски јазик, шпански за Латинска Америка и арапски за сите гледачи меѓу Оман и Мароко. На гледачите тука им се нудат најнови вести, како и анализи на актуелни случувања.

Кога станува збор за редакцијата на ДВ на македонски јазик, потсетуваме дека секој ден на нашата интернет-страница можат да се најдат информации, анализи и коментари од Германија, Европа, Македонија но и од регионот на Балканот.

.