1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов обид за ограничување на интернетот во Турција

Доријан Џоунс / Александар Методијев29 јануари 2014

Интернет активистите во Турција велат дека предложениот закон за зајакнување на онлајн цензурата нема да ги спречи. Чекорот за блокирање на вебстраници доаѓа во моменти кога владата е соочена со корупциски скандал.

https://p.dw.com/p/1AybI
Фотографија: Fotolia/Calado

Предложениот закон ќе и’ овозможи на владата да прави дополнителни контроли на интернетот, а министрите ќе имаат надлежност и да блокираат вебстраници. Адвокатката Селен Каледелен од вебстраницата Корсан, на која се води кампања за слобода на информирањето, вели дека ова е суров обид да се задушат обвинувањата за корупција на високо ниво во владата.

„Овој закон ќе им дозволи на властите да блокираат вебстраници за неколку часа“, објаснува Каледелен. „Така што, за мене ова е диктатура од страна на властите во однос на законот. Ова е закон за цензура и ние не го признаваме“, вели адвокатката.

Запирање на протекувањето информации

Во минатите месеци, турските медиуми беа полни со извештаи за отпуштања на илјадници полицајци и обвинители по судските истраги за корупција на највисоко ниво во владата. Критичарите ја обвинуваат владата дека таа сега се обидува да спречи идно, потенцијално засрамувачко протекување на информации на интернет.

Според новиот закон, интернет провајдерите ќе се соочат со поголема владина контрола и ќе бидат обврзани да ги чуваат информациите за корисниците. Пребарувањата по клучен збор ќе бидат исто така блокирани.

Türkei Korruptionsskandal Ausschreitungen Istanbul 27.12.13
Интернет активистите се убедени дека откривањето на корупцискиот скандал во владата на Ердоган го поттикнал обидот за дополнителна цензура на интернетотФотографија: picture-alliance/dpa

Политичкиот аналитичар Ченгиз Актар од „Истанбулскиот политички форум“ вели дека предложениот закон е последен удар на „веќе повредената слобода на интернет во Турција“.

„Законот од 2007-ма година е и онака многу рестриктивен. Турција и сега е една од најлошите земји во однос на слободата на интернет. Ќе видиме колку далеку ќе оди ова. Секогаш е многу тешко да се прекинат сите врски со светот и да се направи Турција да биде нешто што ќе личи на Северна Кореја. Ова се очајнички потези на владата“, вели Актар.

Како и да е, владиниот портпарол Хусеин Челик ги отфрла ваквите забелешки, велејќи дека предложениот закон има за цел да го заштити семејството и приватноста.

„Турција не е Кина и никогаш нема да биде како Кина во оваа смисла. Дали сите ние не се согласуваме дека ни се потребни одредени закони за социјалните медиуми и интернет медиумите? Ова ќе бидат регулативи кои се засновани врз светските стандарди каде било во светот“, изјави Челик.

Според постоечкото законодавство, турските судови имаат блокирано повеќе од 40.000 интернет- страници. Тоа е една од највисоките бројки во светот. Популарни страници како Јутјуб беа блокирани неколку години.

Информацијата e се’ присутна

Türkei Korruptionsskandal Ausschreitungen Istanbul 27.12.13
Незадоволството од работата на турската влада често се искажува на улицаФотографија: Reuters

Професорот по право и експерт за слобода на интернет Јаман Акдениз од истанбулскиот Универзитет Билги ја става под знак прашалник ефективноста од таквите контроли. Тој вели дека на ист начин како и во Кина, многу луѓе во Турција најдоа начин како да ги заобиколат блокадите.

„Турските луѓе стекнаа многу познавања за интернетот откако Јутјуб беше блокиран. Секој знае што е прокси и секој знае како да си го промени своите ДНС бројки (Domain Name System) на својот компјутер. Новите мерки вклучуваат блокирање на пристапот до алтернативните мерки, како што се прокси вебстраниците. Но, ако луѓето сакаат да пристапат до некоја информација, не би ги спречиле ако тие знаат дека информацијата е се’ присутна“, вели Акдениз.

Очекувањата се дека предлог-законот за интернет ќе стане и закон, бидејќи владата ужива широко мнозинство во парламентот. Адвокатката Селен Каледелен вели дека таа ќе застане на првата борбена линија во оваа битка.

„Јас не сметам дека тие ќе имаат успех. Луѓето како нас ќе зборуваат и не само за владината корупција, туку би можело така да биде и за секој друг случај. Ќе имаме дополнителни рути и патишта за комуникација во иднина, па тие не би можеле да не спречат. Можеби тие ќе создадат сопствена ’сајбер војска’, бидејќи тие тоа и го прават. Тие ангажираат компјутерски научници или хакери. Тие создаваат сопствена екипа“, вели Каледелен.

Медиумите во Турција се под зголемен владин притисок, така што интернетот со алтернативните сајтови за информации останува едно од последните места за независно информирање. А, ова е критичено време за земјата. Турција влегува во 18-месечен изборен период, па битката за интернет слободата би можела да има се’ поголеми последици.