Нов закон или примена на постојните за здрави медиуми?
14 декември 2011Потребен ли е на Македонија нов закон за медиуми? Дали на јавниот сервис да му се даде право да емитува реклами во ударните термини? Како да и се врати достоинството на новинарската професија? Овие прашања и дилеми се актуелни деновиве. Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) подготвија акционен план за решавање на проблемите во медиумската сфера.
МИМ и ЗНМ бараат почитување на постојните закони
Двете инстутиции сметаат дека за подобрување на состојбата не е потребен нов закон туку примена на постојните.
Петрит Сарачини од МИМ за Дојче веле објаснува: „Тоа што се понуди од страна на Министерството за транспорт и врски сметаме дека голем дел од тие работи веќе ги има во македонската легислатива само што не се применуваат. Овој концепт за жал без консултација и инволвирање на медиумската заедница предвидува регулирање и на некои други области за кои не постои ниту општествен консензус ниту консензус во медиумската заедница. Став на МИМ е дека прво треба да се испочитува сегашната легислатива и таа да се применува неселективно и доследно“.
Дијалогот меѓу Владата и Здружението на новинари запна токму по прашањето дали е потребен нов закон или не. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ни изјави: „Нашиот став е дека предност треба да се даде на почитување на постојната законска регулатива. Во акцискиот план само детално се обработуваат тие прашања. Законска регулатива, владини реклами, декриминализација на навреда и клевета и реформа на МРТВ“.
Сите се одговорни за лошата состојба
Заедничка оценка на состојбата според двете институции е дека Македонија е високо политизирана држава, со значително влијание на политиката врз функционирањето на медиумите.
Медиумскиот пазар е нерегулиран, а законите се применуваат селективно. Казните за новинарите се се’ повисоки, а самоцензурата е широко распространета. Професионалните и етичките стандарди во медиумите опаѓаат. За ваквата состојба придонеле речиси сите субјекти во медиумскиот простор (државните институции, политичарите, медиумите, сопствениците, новинарите).
Медиумската заедница ја препознава потребата од темелни и суштински промени во медиумската сфера и е подготвена да го преземе водството за надминување на оваа неповолна состојба.
Акциониот план за подобрување на состојбите со медиумите во Македонија, го подготвија група новинари, сопственици и претставници на медиумски организации и институции. Тој треба да биде база, платформа за сите натамошни политики за подобрување на медиумската состојба во Македонија.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска