1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров: Можно ли e еден академик ова да не го разбира?

24 февруари 2022

Едно е да се предупредува на грешки во приодот кон Бугарија, а друго е да се урива сѐ, преку една фрапантна манипулација со факти, вели поранешниот шеф на дипломатијата.

https://p.dw.com/p/47VbH
Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

Ставот на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, дека извор на сите македонски витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои претставуваат извор на нестабилност во регионот, предизвика голем број реакции. Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој од таа функција беше потписник на Договорот од Преспа од македонска страна, повикува да не се замаглуваат фактите со опасни и неодговорни оценки.

„За жал, иако претседателот Коцарев потенцираше дека се работи за негов личен став, го искажа на годишното собрание на МАНУ. Затоа авторитетот на МАНУ, таков како што е, по неодговорните авантури со планот за етничка поделба на Македонија или со Каменот од Розета, дополнително се злоупотреби во една неверојатно лаконска, но крајно неодговорна и опасна оценка: Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија биле извор на нестабилност и разнебитување. Има само едно прашање како одговор на овие небулози - каде овој став го сместува Коцарев, кога целиот демократски свет за Преспанскиот договор во еден глас извика ‘триумф на дипломатијата’? Од Гутереш, сите европски лидери, Вашингтон, до Папата неодамна“, потсетува Димитров.

Има разлика

Во време кога процесите неодговорно се прикажуваат црно-бело, поранешниот шеф на македонската дипломатија укажува на важноста од суштинска дистинкција на фактите наспроти манипулациите.

„Едно е да се предупредува на грешки во приодот кон Бугарија, да се инсистира на македонските црвени линии - чист македонски јазик во преговарачката рамка со ЕУ, процесот да значи европеизација, издвојување на Стразбур и обезбедување услови за работа на комисијата за историски прашања без уцени и притисок, а друго е да се урива сѐ, преку една фрапантна манипулација со факти и - простете, но и злоупотреба на институција што треба да биде највисоката научна установа“, вели Димитров.

Потписникот на Преспанскиот договор потенцира дека македонскиот идентитет и јазик не само што не се допрени со тој договор, туку се обезбедени.

„Се ослободивме од референцата БЈРМ, ја комплетиравме нашата државност и лична карта во ОН, со македонски јазик, влеговме во НАТО ставајќи точка на какви било сомнежи за иднината на нашите граници во, како што гледаме страшно нестабилни геополитички времиња, отворивме нови односи со Грција, добивме политичка одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ. И да, додадовме придавка Северна кон името Македонија, бидејќи тоа е факт - нашата територија е помала од регионот Македонија. Но, јазикот како македонски и ние како Македонци сме факт, црно на бело напишан во самиот документ“, дециден е Димитров.

Извор на поделби

Не за Преспанскиот, но за решението за кое сега преговараат Скопје и Софија, вчера реагираше лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сѐ што има на располагање за да го спречи решението кое Ковачевски е подготвен да го потпише, а да не го даде на увид на јавноста.

„Идентитетско обезличување ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, ниту сега ниту во иднина, но во исто време сакам да се знае дека е потребна широка поддршка од сите интелектуални и општествени групи, нивна мобилизација и гласност на секој поединец за да не се дозволи решение со кое подоцна треба да се живее. Јасно им е дека во Парламентот немаат 80 пратеници, и единственото нешто што ќе им остане на располагање е целокупните барања опфатени со Декларацијата на бугарскиот Парламент да бидат дел од преговарачката рамка. Тоа е она кое што го преговара денеска Ковачевски (...) Затоа од овде, од Охрид, упатувам порака и барам општествена поддршка да не дозволиме Владата на Османи и Ковачевски, да го направи ова предавство. Ни треба народ, ни треба масовност, да излеземе и да се бориме против сето ова“, порача Мицкоски по регионалениот отчет во Охрид за 100-те дена на локалната власт.

Кога разговорите со Бугарија според министерот Османи се „во критична фаза“, а опозицијата критикува дека зад сцената се подготвува идентитетско обезличување, обраќањето на Коцарев дотури бензин врз веќе распламтени реакции.

Никола Димитров вели дека од науката се очекува многу повеќе.

„Се согласувам дека политиката си има големи проблеми, но задача на науката меѓу другото е да не паѓа во замката на црно-белиот свет, на неодговорна симплификација и дополнителна конфузија на така суштински и чувствителни теми за народот и државата. А тоа што Бугарија со ветото и со дел од своите барања го крши токму Договорот за пријателство, од обврската да ни помага на патот кон ЕУ, преку обврската да нѐ ни се меша во внатрешните работи (како што е македонскиот јазик), па уцената како притисок во работата на комисијата за историски прашања, до барањето за пасивност во Советот на Европа (спротивно на претходно преземени меѓународни обврски експлицитно споменати во членот 14) што говори? Па токму дека Договорот не им се допаѓа таков каков што е. Сакаат подобар договор за нив, односно полош договор за нас. Можно ли e еден академик ова да не го разбира?“, прашува Димитров.

Тој предупредува дека губат и државата и граѓаните, ако просторот што треба да биде сврзно ткиво за преку различни ставови и позиции да се дојде до најдобрите државни стратегии - се претвора во извор на површни поделби.

„Мора да создадеме простор во јавната дебата за конструктивен дијалог на луѓе чиј мотив и во критиката е градење на подобри позиции, на поголема сплотеност, на посериозна државна политика... За ова прашање се разбира дека има легитимна дебата, ама таа треба да биде како подобро и достоинствено напред, а не враќање назад и никако не напред по секоја цена!“, порачува тој.