1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху прогласи победа против Хамас

БГ/афп28 август 2014

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прогласи победа на неговата држава во војната против палестинското движење Хамас во Појасот Газа. Хамас не доби ништо, рече Нетанјаху.

https://p.dw.com/p/1D2uj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во обид да ги смири критиките во домашната јавност по договореното примирје со Хамас во Газа, Нетанјаху во обраќање до јавноста порача дека ниту едно од барањата на исламистичкото движење не било прифатено.

„Хамас претрпе големи штети и не доби ниту едно од своите барања“, рече израелскиот премиер.

„Хамас бараше пристаниште и аеродром во Газа, ослободување на палестинските затвореници, посредништво на Катар и Турција и исплата на платите на нивните работници. Но, не доби ништо“, рече Нетанјаху.

Во седумнеделниот конфликт загинаа најмалку 2.100 Палестинци, повеќе од 70 проценти од нив цивили, и 64 војници и шестмина цивили на израелска страна, според податоците на ОН.

„Хамас не доживеал таков пораз од своето формирање. Уништивме тунели, убивме повеќе од 1.000 непријателски борци, меѓу нив и високи функционери во движењето, уништивме илјадници ракети и стотици командни пунктови“, дополни Нетанјаху.

По потпишувањето на примирјето кое беше договорено со посредство на Египет, Нетанјаху се најде под жестоки критики во домашната јавност, како од умерените опозиционери, така и од радикалните струи во неговата влада, кои го обвинуваат дека војната против Хамас не постигнала никаква цел: ниту се запрени ракетните напади врз израелските населби, ниту пак власта на Хамас во Газа е доведена во прашање.