1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неподнослива беспомошност во Сирија

Александер Кудашеф
5 октомври 2016

Надежта секогаш последна умира. Но со оглед на спротивставените интереси на преговарачките страни во војната во Сирија, таму не е на повидок решение, смета Александер Кудашеф

https://p.dw.com/p/2QtKw
Syrien Aleppo Lufangriffe
Фотографија: Reuters/A. Ismail

Војната, убиствата и смртта во Сирија продолжуваат непречено натаму. Тоа е војна во која крвопролевањето нема крај- ниту во петтата година. Тоа е војна која е следена со невидени злосторства- во најголем дел врз цивилното население, кое долго време од сите страни се држи во заложништво. Сега умре и последната надеж дека на војната може да и се стави крај низ преговори меѓу Русите и Американците. Каналот на комуникација меѓу Москва и Вашингтон згасна, а со него и последната мала надеж.

Неуспехот на разговорите- прашање е дали воопшто можат да се наречат преговори- можеше да се предвиди. Преговорите почиваа на претпоставката дека интересите на другата страна ќе се земат сериозно и ќе се вклопат во сопствените- за да се види дали е можен компромис. Како тоа изгледа во разговорите за Сирија? Русите имаат еден исклучителен интерес: сакаат по секоја цена да го одржат Асад на власт, а покрај него повторно да се промовираат и себеси како важен фактор на Блискиот исток. Во таа насока, ним им е секое, во прв ред, воено решение- прифатливо. Асад секако да остане на власт, нема никаков интерес за компромиси, затоа што секаков компромис ќе значи негов политички крај. Турција не сака да се формира Курдска држава. Иран сака да ги засили Шиитите, а Саудиска Арабија сака да го спречи тоа. А против ткн. Исламска држава се сите, кога тоа им одговара воено или политички.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф

А Западот? Во прв ред САД? Тие имаат интерес да ја сопрат војната. Тие сакаат, од морални причини, да запрат нападите, масакрите и воздушните напади. Но што сакаат политички? Сирија во нејзините стари граници? Со или без Асад? Ќе има курдска држава или не? Потребни ли се политички преговори со Иран? Да се признае неговата геополитичка моќ или не? А со тоа да се фрли една Саудиска Арабија, досега фактор на стабилност на страната на Западот, во политички офсајд, без оглед на политичките и економските последици? Или сепак да се поддржи кралската куќа во Ријад? Со тоа што Конгресот им дозволи на жртвите од 11 септември да ја тужат Саудиска Арабија, и покрај ветото од Обама, покажува дека Саудиска Арабија не може повеќе да го чувствува Вашингтон како партнер. И тука моралот стои пред државните интереси. Останува само еден несигурен интерес: борбата против ИД.

Пат позиција до изборите во САД

Светскиот политички ринг ќе се формира по изборот на новиот американски претседател. Дотогаш Путин во Сирија ќе остварува факти, од кои не може да се побегне. Секако во Москва ќе се потсетат дека и во Авганистан постигнуваа воени и политички успеси, за по 10 години да ја напуштат земјата како поразени. Што ќе значи за Сирија воениот успех на Русија и на Асад? Една блискоисточна Чеченија со смртоносна тишина? Или еден блискоисточен Авганистан кој ќе живее во секојдневен терор? На Западот во моментов, доколку не ја промени актуелната политика, му останува само беспомошно да ги гледа убивањето и смртта во Сирија. И токму тоа е морално неприфатливо.