1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неонацистички терор: Што знаеле тајните служби?

13 ноември 2011

Германската полиција уапси уште едно лице, осомничено дека е член на терористичката келија на Уве Мундлос, Уве Бенхарт и Беате Цшепе. Обвинителството се сомнева дека Холгер Г. учествувал во убиствата извршени од триото.

https://p.dw.com/p/139vI
Фотографии на жртвите во т.н. „Донер-убиства“Фотографија: picture alliance/dpa

Денеска (13.11) уапсениот Холгер Г., според полицијата, бил член на терористичкото здружение „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ), исто како и Уве Мундлос, Убе Бенхарт и Беате Цшепе. 37-годишникот е уапсен во близина на Хановер. Според актуелната состојба во истрагата, тој важи како лице кое имало најдобар контакт со Бенхарт и Мундлос.

Според портпаролот на обвинителството, Маркус Келер, Холгер Г. „им ја ставил својата возачка дозвола на располагање на Мундлос, Бенхарт и Цшепе во 2007 година, а четири месеци потоа и пасошот“. Освен тоа, уапсениот повеќепати изнајмувал приколки за тројцата десни екстремисти. Келер изјави дека е можно Холерг Г. и да учествувал во убиствата што ги извршувала тројката.

Мундлос, Бенхарт и Цшепе исчезнале во 1998 година, откако во гаражата на Цшепе е пронајден експлозив и пропаганден материјал. Истрагата тврди дека оттогаш немала никаква трага од нив, се‘ додека телата на двајцата мажи не беа пронајдени во камп-возило, по што Цшепе и‘ се предаде на полицијата. Претходно, таа ја кренала во воздух својата куќа во Цвикау. Во урнатините истрагата пронајде ДВД-а, на кои е филмот во кој Бенхарт и Мундлос преземаат одговорност за убиствата на осуммина сопственици на турски ресторани-имбиси и еден грчки ситен трговец. Серијата убиства е позната под името „Донер-убиства“. Во урнатините е пронајдено и оружјето со кое се извршени деветте убиства. Матрицата на сите убиства била иста. убијците доаѓале среде бел ден, пукале во главата на жртвите од непосредна близина и исчезнувале без да остават речиси никакви траги. Слично било и во април 2007 година во Хајлброн, кога беше убиена жена-полицаец среде бел ден, а нејзиниот соработник тешко ранет.

Германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер изјави дека првите резултати од истрагата се вознемирувачки и сега мора да се провери дали терористичката група била дел од поголема мрежа. Безбедносните власти, а пред се‘ тајната служба, се‘ повеќе се предмет на интерес во врска со случајот. Комисијата на Бундестагот за надзор на работата на тајните служби во текот на претстојната недела треба да одржи седница околу случајот. „Сакам да знам што знаеле властите и како во иднина да се спречат вакви дела“, изјави претседателот на Комисијата, Томас Оперман (СПД).

Експертот на Партијата на либералите за правни прашања, Хартфрид Волф, укажа дека првите истражни дејства се воделе уште во 1994 година и мора да се постави прашањето - како една мрежа на десноекстремни убијци можела да остане неоткриена толку долго време.

Автор: ЕМФ/дпа/ртр/шпигел

Редактор: Ж. Ацеска