1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

250509 Reax Nordkorea Atomtest

26 мај 2009

Официјален Берлин го осуди атомскиот тест спроведен од Северна Кореја истакнувајќи дека станува збор за провокација. Германските власти меѓутоа се надеваат на обновување на меѓународните преговори со Пјонгјанг.

https://p.dw.com/p/HxOr
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

Извештаите за новата нуклеарна проба на Северна Кореја предизвикаа огромен револт во Берлин. Министерството за надворешни работи говореше за „неодговорна провокација“, со која се прекршуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН. И германската канцеларка Ангела Меркел ја осуди атомската проба на Северна Кореја: „Мораме целосно да се заложиме за тоа, да бидат обновени преговорите и да им се стави крај на самостојните неодговорни постапки на Северна Кореја.“

Со тоа Меркел мислеше на т.н. шест-партитни преговори за спорната атомска програма на Северна Кореја во кои, покрај оваа земја учествуваат уште и Јужна Кореја, Кина, Јапонија, Русија и САД. Северна Кореја во април се откажа од учеството во преговорите, откако Советот за безбедност на ОН го осуди тестот на ракета со голем дострел што претходно го изврши комунистичката земја.

На потег е меѓународната заедница

Германската канцеларка смета дека сега на потег е меѓународната заедница која треба да покаже решителност: „Сметам дека меѓународната заедница во овој случај треба да покаже големо единство, зашто овие шест-партитни преговори беа силен сигнал на решителност.“

Досега меѓутоа ни преговорите ниту санкциите не успеаја да ја придвижат Северна Кореја да се откаже од атомската програма. Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија ја напуштија земјата во април по избувнувањето на спорот околу тестот на проектилот од голем дострел.

Deutschland FDP Generalsekretär Dirk Niebel
Генералниот секретар на либералите, Дирк НебелФотографија: AP

Пјонгјанг си игра со оган, изјави Генералниот секретар на Либералната партија Дирк Небел во осудата на најновата атомска проба на Северна Кореја. Тој смета дека кинеската влада, поради нејзините блиски односи со Северна Кореја може да одигра клучна улога во моментов. „Ако Кина го сфати она што Јапонија одамна го знае, дека имено лошото владеење на семејството Ким во Северна Кореја преставува закана за стабилноста на целиот регион, тогаш би имале предуслов за долгорочно решение“, вели Нибел.

Германската влада ќе се заложи за тоа шест-партитните преговори да бидат обновени. Досега Северна Кореја меѓутоа не прави никакви напори да се врати на преговарачката маса. Пред две недели раководството во Пјонгјанг соопшти дека поради непријателскиот однос на САД ги смета преговорите за бесмислени.

Автор: Нина Веркхојзер / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска