1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Ненад Јолдески: Писателот е писател, кај и да го фрлат

Тони Димков
22 октомври 2016

Македонската литература допрва треба да биде откриена и прикажана пред Европа и светот, вели во разговор за Дојче Веле, младиот писател Ненад Јолдески. Денеска на саемот во Франкфурт тој говореше токму на оваа тема.

https://p.dw.com/p/2RWRy
Mazedonien Nenad Joldeski
Фотографија: Nenad Joldeski

Ретки се авторите на кои секоја објавена книга им е закитена со книжевна награда. Таков е случајот со младиот македонски писател Ненад Јолдески. Неговата дебитантска книга „Штамата на Енхалон“ ја доби наградата „Новите!“ и со тоа беше објавена од издавачката куќа „Темплум“ во 2009 година, додека втората збирка раскази, „Секој со своето езеро“, првично објавена за „Темплум“ во 2012, во 2016 година со нејзиното второ издание, овојпат кај издавачката куќа „Или-или“, ја добива престижната Европска награда за литература за 2016 година.

Токму Европската награда за литература го води младиот Јолдески на најголемиот Саем на книга во Франкфурт, каде денеска (22 октомври), заедно со академик Влада Урошевиќ и писателот Гоце Смилевски, исто така добитник на Европската награда за литература во 2010 година, настапи на трибината на тема „Промоцијата на македонската литература и пробивот на македонските автори и издавачки куќи на меѓународната книжевна сцена“.

Deutschland Tribüne auf der Frankfurter Buchmesse
Трибина за македонската литература на Франкфуртскиот саемФотографија: DW/B. Georgievski

„На трибината ќе зборувам за потребата од квалитетни преводи, бидејќи без тоа е залудно да се зборува за каква било промоција на македонскиот јазик и литература. Ќе се осврнам на начините и можностите кои ги нуди онлајн промоцијата и интернет-маркетингот, како и за потребата од квалитетни книжевни фестивали кои би ја зацврстиле соработката помеѓу интернационалните книжевности“, најави Јолдески.

Македонската продукција не е за потценување

Своите ставови ги изградил врз основа на личните согледувања за позицијата на македонската литература во европскиот и светскиот контекст.

„Македонската годишна литературна продукција не е обемна, но во никој случај не е за потценување – малите држави, исто така, знаат да произведат вредни и уникатни дела. Но, сепак, ми се чини дека македонската литература допрва треба да биде откриена и прикажана пред Европа и светот, и дека ова што се прави досега не е доволно или е неуспешно. Ни треба добра, здрава и долгорочна стратегија за македонската уметност, воопшто“, потенцира Јолдески.

Frankfurter Buchmesse Mazedonischer Stand
Македонскиот штанд на Франкфуртскиот саем на книгатаФотографија: DW/B. Georgievski

За добиената Европската награда за литература Јолдески вели дека наградата носи доста придобивки, а неговото присуство на саемот е само дел од тоа, и истакнува дека во тек се преговори со неколку издавачки куќи од Европа кои се заинтересирани за неговата книга „Секој со своето езеро“. Набрзо ќе се остварат бугарскиот и унгарскиот превод на книгата, а правата за преводи на останатите јазици веќе ги препуштил на неговиот нов агент.

„Колку што ми годи тоа што и двете мои книги се наградени, пред сѐ, во смисла на интернационална промоција и превод на моите дела и како некакво признание за мојот труд, толку и чувствувам обврска пред читателите и пред себе во однос на моето ново дело, бидејќи наградите знаат да натежнат врз идните трудови. Се разбира, се обидувам колку што можам повеќе да заборавам на тоа и целосно да се фокусирам на пишувањето", вели Јолдески, и додава „писателот е писател, кај и да го фрлат, па во таа смисла се чувствувам подеднакво исто, пред и после наградата".

Поврзаност со родниот крај

Содржината на двете досега објавени книги на Јолдески е тесно поврзана со родното место Струга, Охридското езеро и реката Црн Дрим, практично со местото на живеење. Трагите кои ги следи и надградува во првите две книги се, пред сѐ, во смисла на градењето на локалниот хронотоп на Струга (град кој во последните години претрпел катастрофални измени на урбаниот лик до степен на непрепознатливост). Сака да ги портретира малите, испразнети и маргинализирани градови, каде што животот често знае да врви на чудесен начин, иако во новата книга во најголем дел ќе ја напушти таа поетика – пред сѐ, од потребата себеси да се преосмисли и да експериментира.

Необични по својата структура, во расказите објавени во збирката „Секој со своето езеро“ се преплетуваат личните и градските приказни, документарната проза и фикцијата, посветата на родителите и на обичните „мали луѓе“, на доселениците и на мештаните.

„Секогаш различно се среќавам со приказните“ – вели Јолдески – „на пример, расказот 'Николај и мастилавото езеро‘, кој го зазема средишното место во книгата, дефинитивно ме пронајде мене (и тој момент на пронаоѓање е забележан во самиот расказ), но, секако, постојат исклучоци, па така понекогаш знам да пишувам и без крајна дестинација, се внесувам во текстот и ги следам неговите природни насоки, внимавајќи каде ќе ме однесе... Тоа често знае да биде слеп сокак, но и широк непознат хоризонт..."