1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Немоќниот Обама

Миодраг Шориќ / превод: ЕМФ17 јуни 2016

До оружје во САД се стигнува сосема без проблеми. А, претседателот нема како да дејствува. На тоа мора да му стави крај, оценува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1J8b5
Фотографија: Getty Images/A. Wong

Како да се има разбирање за тоа дека секоја година 34.000 Американци умираат од истрели? Па, тоа е цело мало гратче. Терористи, лабилни криминалци и практично секој што сака може да купи оружје, тоа е неверојатно лесно. И, пиштолите и автоматското оружје не секогаш одат преку тезгите во продавниците. Американците може да купат оружје и на специјални саеми или преку интернет. Американците поседуваат 300 милиони парчиња оружје - најмалку!

Проблем да купи оружје немал ниту Омар Матин, и тоа иако бил повеќепати испрашуван од страна на ФБИ поради можни терористички планови.

Во меѓувреме, мнозинството Американци е уверено дека на САД ѝ се потребни постороги закони за оружје. Но, нивната политика потфрла многу, веќе со години. Лобито за оружје НРА ја има државата во заложништво, подмачкува пратеници на кои им се потребни пари за кофинансирање на нивните кампањи. Корупција „а ла САД“. И среде сето тоа еден немоќен претседател Барак Обама, кој по секој масакр - во Сан Бернадино, Њутаун и сега во Орландо - има да понуди само убави зборови. Рацете му се врзани сѐ додека Конгресот ја блокира оваа тема.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Наводен патриотизам

Пратениците, особено републиканците во Претставничкиот дом, најверојатно ќе играат на време сѐ до претстојните избори во ноември. За време на кампањата ќе го прикажуваат својот наводен патриотизам. На собирите ќе ја пеат химната, држејќи ја едната рака на срцето. Какви лицемери! Многумина се сѐ друго само не патриоти. Тие се непријатели на сопствениот народ. Зашто, дури и најлошите исламисти не се во состојба да убијат десетици илјади Американци годишно. Противењето на пратениците да се донесат построги закони за оружје води кон тоа радикалите, исламистите, лудаците или лабилните да дојдат лесно до оружје и да убиваат Американци. Секој ден!

Колку мора едно општество да е отапено за тоа да го прифаќа како нешто што е само по себе разбирливо?