1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионот кружел два часа пред да се урне

ЕМФ/Х.Краузе/дпа19 март 2016

Во пад на патнички авион во Ростов, Русија, загинаа сите 62-ца патници и членови на екипажот. Боингот, според првичните информации, поради невреме ја промашил пистата.

https://p.dw.com/p/1IGIz
Фотографија: Getty Images/AFP

Во авионот на авиокомпанијата ФлајДубаи патувале главно туристи кои се враќале од одмор од Арапските Емирати. Никој не ја преживеа несреќата, вклучително и екипажот од седум членови. Меѓу загинатите има и деца.

„Одев кон аеродромската зграда, кога видов молња. Темното небо одеднаш стана светло, а потоа го слушнав ужасниот тап удар“, раскажува еден од сведоците на несреќата.

Несреќата се случила во 01:50 часот по локално време. Боингот паднал на околу 100 до 150 метри оддалеченост од пистата. Несреќата се случила најверојатно поради силниот дожд и ветер со брзина до 110 километри на час. „Сѐ се случи во близина на аеродромот. Времето беше толку лошо, што екипажот не можел да се снајде. Пилотот се обидел по втор пат да го спушти авионот, но не успеал во такви услови“, изјави еден руски експерт за летање во првичните анализи по несреќата.

Во меѓувреме е познато дека авионот кружел речиси два часа над регионот. И авион на Аерофлот во тоа време се обидел три пати да слета на аеродромот, но потоа одлетал на аеродромот во Краснодар, оддалечен 250 километри. Таков бил случајот и со еден авион од Прага. Авион од Истанбул дури се вратил назад на аеродромот од каде што полетал.

Russland Absturz Passagiermaschine in Rostow am Don
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ministry Of The Emergencies

Аеродромот е затворен

Сега се шпекулира околу тоа дали Боингот можеби немал доволно керозин, па пилотот затоа се обидел да слета по втор пат. Гувернерот во тој руски регион издаде налог за основање кризен штаб. Претседателот Владимир Путин им изрази сочувство на семејствата на жртвите и вети итна помош и целосно расветлување на несреќата. Аеродромот е затворен на неопределено време, а психолози на лице место се грижат за роднините на жртвите. Недела е прогласена за ден на жалост во регионот.

Откако руски туристи веќе не смеат да патуваат во Турција и Египет, голем број Руси одат во Арапски Емирати. Летот од Ростов за Дубаи трае околу четири часа. Боингот 737-800 бил стар само пет години и технички проблем во моментов е речиси исклучен. Дали аеродромската кула поради бурата требало можеби да биде затворена, е прашање на чие расчистување се работи. Меѓутоа, како што велат експертите, одлуката за слетување ја носат пилотите.

ФлајДубаи, компанија евтин летач од Дубаи, претпоставува дека станува збор за несреќа. Шефот на компанијата Гаит Ал Гаит соопшти дека двајцата пилоти имале околу 5700 часови летање зад себе. Тој, исто како и руските власти, исклучува можност за терористички напад. Ова е прва несреќа за фирмата која оперира од 2009 година.