1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема „јунак“ за реформа на грчкиот пензиски систем?

Јанис Пападимитриу/бг15 јануари 2016

Левичарската влада во Атина собра храброст да го реформира пензискиот систем. Се предвидуваат зголемувања на давачките, и кратења на пензиите, во просек за 15 проценти.

https://p.dw.com/p/1Hc0k
Фотографија: picture-alliance/Rainer Hackenberg

Уште од 1990-те години политичарите во Атина говорат за реформа на пензискиот систем во Грција и притоа се соочуваат со отпор- или спроведуваат само мали реформи, наместо целосна реформа. Последица: пензискиот систем во Грција важи за еден од најскапите во Европа. За разлика од 80-те години кога четворица вработени работеа за еден пензионер, денес четворица вработени работат за тројца пензионери. По финансиската криза границата за заминување во пензија беше зголемена на 67 години- но само за оние кои започнале со работа по 1993 година.
Но, ниту тоа не е доволно. „Реформата на пензискиот систем е вечна тема во грчкото општество, но се досега моќните интересни групи успеваа да ги блокираат суштинските реформи, за и понатаму да профитираат од ефтините услови и директната државна помош на нивните социјални фондови“, објаснува Димитрис Сотиропулос, професор по политички науки на Универзитетот во Атина. Меѓу привилегираните групи спаѓаат правниците, банкарските службеници и новинарите, чии пензиски фондови индиректно се финансираат од даноците. „Доколку нешто не се промени, за 20 години ќе треба да издвојуваме 35 проценти од нашиот економски приход за пензии“, вели Сотиропулос за ДВ.

Основна пензија од 384 евра

За да се затвори дупката со финансирањето, актуелниот министер за труд Јоргос Катругалос работи на реформски план чии детаљи се во финална фаза на договорање со грчките доверители. Од она што е досега познато: во иднина секој Грк со минимум 15 години работен стаж ќе добива од државата основна пензија од 384 евра месечно, сума која важи за апсолутен егзистенцијален минимум. На тоа ќе се додава дополнителен дел кој ќе зависи од уплатата во задолжителниот пензиски систем, но нема да смее да надминува 2.300 евра месечно. Оној кој сака повеќе ќе мора приватно да се осигура.

Griechenland Protest Rentner Pensionäre
Протести на пензионерите во АтинаФотографија: picture-alliance/dpa

Идните пензионери на овој начин ќе се соочат со намалување на пензиите во просек за 15 проценти. Притоа не се работи само за рентабилноста на пензискиот систем: за владата на Алексис Ципрас пензиската реформа важи за најзначаен услов во ткн. евалуација на грчката економија од страна на доверителите. За таа цел, членовите на ткн. Квартет (поранешната Тројка) веќе во наредната недела се очекуваат во Атина. Премиерот Ципрас тврди дека без оваа реформа пензиските фондови за пет години нема да можат повеќе да исплаќаат пензии.

Протести против зголемените давачки

За да ги држи под контрола реакциите на ваквиот предлог, владата деновиве нуди алтернатива: нема да има намалување на пензиите, но затоа ќе мора да се зголемат социјалните давачки, и тоа како за работодавците, така и за работниците. Тие ќе мораат да плаќаат дополнителен еден процент во пензиските фондови. Уште повеќе ќе мораат да плаќаат самостојните претприемачи: кај нив зголемувањето на давачките се проценува на речиси 50 проценти. И земјоделците можат да се сметаат за губитници во новиот систем, и тие според некои проценки од 2017 година ќе плаќаат за дури трипати поголеми социјални давачки.

„Зголемувањето на давачките ќе делува како кочница, со тоа ќе се намалат вработувањата и ќе се зголеми даночната евазија“, смета социјалниот експерт Ксенофон Контиадис. Контиадис бил член на комисија која од август 2015 година работела на план за реформа на пензискиот систем. Но, нејзините предлози биле игнорирани од владата, вели тој.

Многу од погодените не се задоволуваат само со тужби: веќе в среда (13.01) земјоделските синдикати одржаа протест, адвокатите се закануваат со штрајк, а истото го најавува и осигурителната каса НАТ, која треба да биде споена со други осигурителни каси. В недела (17.01) на масовен протест во Атина против пензиските реформи повика и моќниот синдикат на службениците Адеди.