1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема препорака за почеток на преговори

Ален Леговиќ5 ноември 2008

Во Брисел, денеска (05.11.2008) беше објавен извештајот на ЕК за напредокот на Македонија кон ЕУ. Во извештајот нема препорака за почеток на преговорите за прием во Унијата.

https://p.dw.com/p/FnkP

„Направен е добар прогрес, особено во судството и полициските реформи, консолидацијата на мулиетничката демократија со имплементација на Охридскиот договор. Сепак, овие позитиви резулати се во сенка на неисполнувањето на политичките критериуми, кои се основа за старт на преговорите со ЕУ“, истакна денеска во Брисел, еврокомесарот Оли Рен, презентирајќи ги главните заклучоци од извештајот на Европската комисија. Oд она што може да се издвои како позитивно – во извештајот е констатиран прогрес во економските, судските, полициските реформи, во борбата против корупцијата, имплементацијата на Охридскиот договор и други области. Во документот се вели дека насилните инциденти и сериозните нерегуларности ги расипале парламентарните избори, па тие не ги исполниле клучните меѓународни стандарди. Заради тоа треба да бидат спроведени препораките на ОДИХР, стои во извештајот на Комисијата, во кој уште се додава и дека недостигот од конструктивен политички дијалог меѓу главните политички партии и актери го нарушило функционирањето на политичките институции. На опозициските партии им се забележува бојкотирањето на собраниските седници, а на Собранието носењето закони по итна постапка.

Olli Rehn Pressekonferenz Serbien Kosovo
Оли РенФотографија: AP

За ЕК прашањето на името е посебно

Во однос на визниот режим, ЕК констатира дека Македонија остварила прогрес во исполнувањето на условите, особено со воведувањето на биометриските пасоши. Укинувањето на визите ќе зависи од прогресот остварен во секоја земја одделно. Во зависност од тоа колку која остварила од критериумите, ЕК може да предложи укинување на визите во текот на 2009 година.

Околу спорот за името, во извештајот стои дека „треба да се избегнуваат акции кои имаат негативно влијание на добрососедските односи и дека треба да се интензивираат напорите да се најде договорено и заедничко прифатливо решение под медијаторството на ОН“. За ова, еврокомесарот, Оли Рен денеска во Брисел рече: „За Комисијата, прашањето на името е посебно прашање, тоа не е дел од преговорите за членство, не е дел од европското партнерство, но, се разбира, ние ги охрабруваме двете страни да го решат ова прашање. Се надевам дека тоа може да биде решено во духот на добрососедските односи и врз основа на медијаторството на ОН. Тоа бара конструктивен пристап на сите страни вклучени во проблемот. “

Нема потреба од разочарување, потребна е работа

ЕК најавува дека внимателно ќе го следи прогресот на Македонија. Во оценката за напредокот на Македонија и за извештајот на ЕК, европарламентарката Дорис Пак, изразува жалење што Македонија нема да добие датум за почеток на преговори за влез во ЕУ: „Лично многу жалам што Македонија, иако толку долго чека, се’ уште нема да добие покана за почеток на преговорите за прием. Не само што во сегашниот извештај на Европската комисија нема конкретен датум, туку нема ни индиции дека тоа на скоро би можело да се случи. Жал ми е поради тоа, бидејќи политичарите во земјата навистина вложија голем труд, но постојано беа спречувани од страна на соседот, кој не им беше позитивно наклонет. Мислам дека ќе беше добро доколку на Македонија и’ покажевме малку повеќе ’зелено светло’ на патот кон Европа“, изјави Дорис Пак за Дојче Веле.

Doris Pack
Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Политичкиот аналитичар од Центарот за европски политички студии во Брисел, Василис Маргарас, пак, смета дека Македонија не треба да биде разочарана со резултатите од извештајот, туку треба да преземе нови напори за отстранување на слабостите и како свој главен приоритет треба да си го постави влезот во ЕУ. Според него, извештајот за напредокот на Македонија и другите балкански земји кон ЕУ доаѓа во момент кога Европејците се многу скептични кон натамошното проширување на унијата, не само поради неподготвеноста на тие земји за влез, туку и поради светската финансиска криза и нерешениот проблем со Лисабонскиот договор, кој не отвора можност за натамошно проширување.

EU Erweiterung Symbolbild mit Flagge und Karte
Фотографија: European Communities
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема