1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема дијалог по ваква српска резолуција?

2 август 2010

Во пресрет на најавената седница на Советот за безбедност на ОН за Косово, косовските аналитичари оценуваат дека резолуцијата на Србија може да биде пречка за отворен дијалог меѓу Приштина и Белград.

https://p.dw.com/p/Oa5C
Советот за безбедност денеска (02.08.2010) разговара за КосовоФотографија: AP

Разговорите за Косово во Советот за безбедност на ОН мораат како основа да го имаат советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата, вели Рамадан Илјази, директор на Движењето „Фољ“, од Приштина. Тој се надева дека Советот ќе донесе конструктивна одлука:

„Евентуалното испраќање на резолуцијата на усвојување во Генералното Собрание на ОН би го искомплицирало процесот, би ги искомплицирало етничките односи на Косово. Верувам дека мислењето на МСП ќе биде доволно за натамошен напредок, бидејќи сега е јасна легалноста на независноста на Косово“, вели Илјази.

Да се најде компромисно решение

Натамошните признавања на Косово нема многу да зависат од дипломатските активности на Приштина и на Белград, смета Ранѓел Нојкиќ, претседател на косовскиот огранок на партијата Српско движење за обнова. Главна улога ќе одиграат големите светски сили, вели Нојкиќ додавајќи дека токму затоа Белград би требало да изврши пошироки консултации во врска со резолуцијата што ја предаде во ОН:

Со оглед дека еден од приоритетите, покрај Косово е и влегувањето на Србија во ЕУ, тогаш сметам дека требаше да се направат многу јасни консултации и со земјите од ЕУ, но и со оние земји кои ги застапуваат интересите на Србија и да се направи обид да се најде некое компромисно решение“, вели Нојкиќ.

Резолуцијата на Србија ги сопира отворените преговори

Dossierbild 3 Kosovo
Фотографија: AP

Рамадан Илјази истакнува дека не може да стане збор за преговори меѓу Косово и Србија се’ додека има постојани обиди да се блокира признавањето на Косово:

„Доколку Србија сака да разговара со Приштина за технички прашања, тогаш треба да престане со резолуциите, зашто актуелната резолуција што ја предлага Белград во ОН, обезбедува само условени, а не и отворени и искрени разговори на двете страни“, вели Илјази.

Имајќи предвид дека пет членки на ЕУ не ја признале независноста на Косово и оти Унијата води интегративни разговори и со Белград и со Косово, ЕУ не би требало да раководи со преговорите меѓу Белград и Приштина, вели Илјази. Она што е сигурно, додава тој, е фактот дека и Албанците и Србите на Косово се подготвени да одат напред и затоа и Приштина и Белград треба да престанат со политичките игри и да дозволат развој на нормален живот на Косово.

Србите да се бранат преку косовските институции

Истовремено Ранѓел Нојкиќ истакнува дека без оглед на политичката борба околу Косово, Србите треба да учествуваат во работата на косовските институции и во нив да ги бранат сопствените интереси:

„Доколку Белград би ги поддржал Србите активно да учествуваат во институциите, тогаш би тргнал од себе голем товар на одговорност, бидејќи сега за се’ што е негативно по прашањето на учеството на Србите во институциите во Приштина се става на грбот на Белград.

Автор: Зулфија Јакупи/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска