1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Независноста се исплатеше“

Томас Бреј (дпа) / ЕМФ24 јуни 2016

Пред 25 години Словенија и Хрватска прогласија независност и со тоа почна процесот на распад на Југославија. Дали цената за тоа беше можеби превисока?

https://p.dw.com/p/1JBoy
Словенија, 27.06.1991Фотографија: Getty Images

„Независноста се исплатеше во секоја смисла. Можеме да бидеме горди на тоа!“, вели денес поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор за прогласувањето независност пред 25 години. „Во секој случај се исплатеше“, сигурен е и Милан Кучан. Најважниот аргумент на „таткото на словенечката независност“ и прв претседател на независна Словенија гласи: „Оттогаш можеме сами да одлучуваме за својата судбина.“

Притоа, крајот на повеќенационалната држава Југославија, кој почна со излегувањето на двете земји од заедницата, ќе беше можен без насилство и во Босна и Херцеговина. Така барем денес тврди последниот југословенски претседател и подоцнежен долгогодишен хрватски претседател Стјепан Месиќ. Тој, како што самиот тврди за ДПА, уште во 1991 година предложил самостојност на сите југословенски републики и нивен спој во конфедерација за период од 3 до 5 години „на проба“. Неговата иницијатива пропаднала затоа што била торпедирана од страна на српскиот властодржец Слободан Милошевиќ. „Негова цел беше да создаде голема Србија врз урнатините на Југославија“, нагласува Месиќ. Тој вели дека Милошевиќ ги подбуцнал своите српски сонародници во Хрватска и Босна на војна, со што предизвикал огромно крвопролевање. Почеток на крајот беше независноста на Словенија и Хрватска. Војните кои во регионот почнаа во 1991 година, завршија во 1999 година, по бомбардирањето на Србија од страна на НАТО.

Како изгледа денес во Словенија и Хрватска, кои во меѓувреме се членки на ЕУ и НАТО? Во Хрватска, подгревани од конзервативната ХДЗ, повторно се водат праисториски идеолошки битки. Политички десно ориентираната ХДЗ повторно кокетира со фашистичката хрватска држава во Втората светска војна (НДХ). Социјалдемократската опозиција во нејзини очи е редуцирана на „деца на комунизмот“.

Kroatien-Krieg 1991 - Entwicklung der Migration nach Deutschland
Вуковар, 19.11.1991Фотографија: picture alliance/dpa

И во Словенија се отвораат старите фронтови. Политички десно ориентираната опозиција на Јанез Јанша, кој пред 25 години беше прв министер за одбрана на суверената држава, прави напори за судска постапка против својот голем противник Кучан. Кучан, како што тврдат тие, во улога на некогашен шеф на комунистичката партија (1986-1990), кој се претвори во демократ и од 1991 до 2002 година беше претседател на новата држава Словенија, направил „велепредавство“ во времето на одвојување од Југославија.

„Неговиот концепт се состои единствено од реваншизам“, врти Кучан со главата. „Пред 25 години кај политичарите и граѓаните владееше големо единство околу целта - независност“, вели долгогодишниот врвен политичар. „Конфронтацијата со комунизмот, кој веќе не постои, го оневзоможува погледот кон иднината. Тоа е поедноставно отколку да се понудат визии за иднина“, критикува тој. Во овој постојано наново разгоруван судир на левиот и десниот табор се работи дури и за нивната улога во Втората светска војна.

Со оглед на тоа што граѓаните се сити од оваа неплодна дискусија, во истражувањата на јавното мислење 70 проценти од нив покажуваат одбивност кон политичарите и изборите. „На Јанша и Кучан им реков дека сега треба да престанеме со овие непријателства“, вели првиот министер за надворешни работи на Словенија, Димитриј Рупел. Иако е пријател со опозицискиот лидер Јанша, тој на неговата политика ѝ дава малку шанси за успех: „Неговата екстремна политика никогаш не може да придобие доволно избирачи.“ Рупел е уверен дека против политичката класа, која денес „е сочинета само од второкласни политичари“, е неопходно да се преземе нов потег. На наредните парламентарни избори, би требало да се тркаат 90 непартиски кандидати кои се угледни личности. Така граѓаните повторно ќе се завртат кон политика.